Вечерва се отвора „Крушево град на културата“

Со концерт на Каролина Гочева, вечерва во историското Крушево официјално ќе биде отворена манифестацијата „Град на културата за 2014 година“.

Манифестацијата, која се одржува под покровителство на Министерството за култура, ќе ја прогласи за отворена министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Крушево, како единаесетти град-организатор на оваа значајна културна манифестација, ќе понуди богата културна програма со конкретни квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности на културата, која ќе биде реализирана во установите, на плоштадот во централното градско подрачје, на Крушевското Езеро и споменикот Илинден. Во програмата, во која ќе учествуваат уметници од сите генерации, во текот на целата година  ќе бидат презентирани над 60 настани, меѓу кои и традиционални фестивали и манифестации, литературни читања, изложби на реномирани уметници, концерти на духовна музика, промоции и театарски фестивал на млади актери, а ќе бидат одбележани и значајни јубилеи на личности и дела.

Реализацијата на манифестацијата  „Крушево – град на културата за 2014 година“ ќе придонесе за унапредување на културата во овој регион, за достапност на културните вредности до граѓаните, како и за заживување на културата на локално ниво, а ќе се поттикне културниот туризам во регионот.

Досега домаќини на ова случување, кое придонесува за создавање рамномерен културен развој, беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кочани, Кавадарци, Гевгелија и  Крива Паланка.