„Вечна куќа“ ги собра наградите на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Жири комисијата на прилепскиот театарски фестивал „Војдан Черодрински“ за најдобра претстава на 49-тото издание ја прогласи „Вечна куќа“ во режија на Дејан Пројковски, по текст на Јордан Плевнеш, а во продукција на Македонски народен театар (МНТ).

Претставата се закити и со наградите за најдобра режија и најдобар текст, а наградите за најдобра машка и женска улога им беа доделени на протагонистите во оваа претстава, двете главни улоги кои ги изведуваат Тони Михајловски и Искра Ветерова.

„Вечна куќа“ ѝ ја донесе наградата за млада актерка на Драја Ризова во улога на Естел Бенвениста. Претставата ги собра и наградите за сценографија, Валентин Светозарев, костимографија, Благој Мицевски, за музика, Горан Трајковски, како и наградата за кореографија и сценски движења која ја доби Сташа Зубовац.

Претседателот на жири комисијата, Васе Манчев, смета дека драмската постановка изобилува со жива енергија и дека успешно ги користи можностите кои ги дава современата технологија.

Ова беше единствена претстава во рамки на фестивалската програма која беше изведена во Стар театар во Скопје, додека останатите претстави беа поставени во Прилеп. Одговорните за фестивалот изјавија дека намерата била да ѝ се овозможи на прилепската публика да го види новиот театар.

Претставата „Швејк во Втората светска војна“ на Прилепски театар доби две награди, од кои една му припадна на Андон Јовановски за машка епизодна улога, а втората на Владимир Ѓорѓијоски за најдобар рекламен материјал.

Битолскиот театар доби награда за женска епизодна улога која и припадна на Валентина Грамосли за улогата на госпоѓа Елвстед во претставата „Хеда Габлер“, а театар „Комедија“ се закити со наградата за млад актер која ја понесе Атанас Атанасовски за улогата на Хамлет во претставата „Хамлет во пикантен сос“.

Наградите ќе бидат врачени вечерва на сцената во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.