Веле Самак: Работиме на проекти кои во 2014 треба да отворат нови 1500 работни места

Министерот задолжен за привлекување инвестиции, Веле Самак во интервју за економски.мк го објаснува процесот на носење инвестиции, а зборува за плановите за 2014 година.

Според него, уште две компании се пред одлука за инвестирање, исходот треба да биде познат до средината на 2014, а се работи за проекти кои треба да отворат околу 1.500 нови работни места. Самак е задоволен од својот ангажман во Владата во изминатите години. Вели дека шест од најголемите и највидливи проекти се резултат на негово директно залагање: Џонсон Мети, Ван Хул, Дрекслмајер, Кромберг и Шуберт, Маркарт, Кофикаб, и неколку помали проекти.

„Тоа е извоз од една милијарда евра и скоро 10.000 нови работни места, од кои скоро 4.000 се пополнети. Се разбира за успех во привлекување инвестиции, покрај професионален напор и посветеност, потребно е и малку среќа. Сме имале години со многу проекти пред одлука кога од различни причини не се оствариле. И денес тоа повторно може да се случи, затоа кога покрај вештината и среќата е фактор, мора да сте професионално посветени на процес и доследност за да има поголема шанса за успех“, вели Веле Самак во интервју за економски.мк.