Веледрогериите не може да имаат свои аптеки

Веледрогериите што вршат промет на големо со лекови и аптека не смеат да бидат капитално, управувачки или роднински поврзани. Едноставно кажано веледрогерија не може да има своја аптека, рече денеска министерот за здравство Никола Тодоров на јавната расправа по повод Предлог-законот на која учествуваа претставници на веледрогерии, клиники, лекарски комори и асоцијации. Кажа дека се прави сет на многу значајни измени со коишто се овозможуваат неколку новини во системот на продажба и снабдување со лекови.

„Прва и би рекол најзначајна новина е тоа што се овозможува продажба на ОТЦ препарати, значи лекови коишто се продаваат без рецепти, сега и надвор од аптеките односно во продажни места, во супермаркети и на бензински станици коишто исполнуваат определени услови и за што дозвола дава министерот за здравство“, рече Тодоров.

Ова е, како што рече, европски концепт, којшто долго време се применува во САД и концепт што треба да овозможи не само намалување на цените на овие ОТЦ препарати поради зголемена конкуренција, туку да се овозможи поголема достапност на ОТЦ препаратите, особено во места каде што нема аптека или каде што аптеката е прилично одалечена.

„Следна крупна измена на овој Закон предвидува секој што има две аптеки во ланец, задолжително мора да отвори една аптека во рурална област. На тој начин сакаме да ја доближиме аптекарската дејност или да ја доближиме оваа услуга до сите граѓани во Република Македонија, особено оние коишто живеат во руралните области. Очекувам како резултат на оваа реформа дека ќе може да се отворат до 99 аптеки во рурални области, значи тоа е максималната можност доколку сите го исполнат овој услов и доколку има интерес од државата да се отворат во толкав број населени места, рурални места аптеки“, рече Тодоров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.