Велес: Голем интерес за владините проекти „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа купи стан“

Голем интерес во Велес за владините проекти „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа купи стан“. Во Канцеларијата  за проектот „Купи куќа за млади“ која е отворена во рамки на Управата за имотно правни работи во Велес за еден месец околу 200 граѓани пријавиле интерес за проектите.

Воедно исто толку  околу 200 граѓани се јавиле во канцеларијата за да се распрашаат за условите за конкурирање и на проектот „Купи куќа купи стан“, информира Маре Оцевска одговорна за работа во оваа канцеларија во Велес, а  која е една од 33-те општини во земјава каде се отворени вакви канцеларии.

Најголем дел од граѓаните се интересираат за условите за можност да конкурираат и бараат од нас појаснување  за допрецизирање на условите за учество во еден од овие два владини проекти, а за кои можам да ценам дека има голем интерес меѓу граѓаните на Велес. Воедно ние потоа ги упатуваме во една од осумте банки вклучени во проектот, за можноста да добијат кредит. Граѓаните  кои сакаат да градат куќа ги упатуваме  во Одделението за урбанизам во Општината, каде им се издава потребната градежно-техничка документација, појаснува Оцевска.

Зоран Мецанов раководител на Одделението за урбанизам при Општина Велес, информира дека за овој проект граѓаните на Велес освен на постоечките преостанати слободни плацеви за градба  на оние делови од градот кои се урбанизирани,  имаат можност за градба и на нови  плацови од новиот детален урбанистички план на Општина Велес во  новата населба Трпезица кај Велес.

На овој простор од  42 хектари, заинтересираните граѓани  ќе можат да се изградат   344 нови станбени куќи, информира Мецанов.