Велес ќе добие покриен градски пазар

Градоначачникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денеска го презентираше идејното решение за проектот „Покриен градски пазар“.

Го изработи фирмата „Гео Балкан“ од Битола. Со него се предвидува објектот да биде покриен, но од страните отворен затоа што испитувањата покажале дека тоа е идеалната комбинација за ваквиот тип на објекти. Идејното решение набрзо ќе се доработи во финален проект. Првата идеjа, тој да се гради со јавно-приватно партнерство пропадна, затоа што на двата јавни повика не се јави ниту една фирма која беше заинтересирана, затоа Општина Велес одлучи да го изгради со сопствени средства.

Според градоначалникот Чадиев, изградбата на покриен градски пазар е голем и скап проект. За негова реализација првично ќе се издвојат 300.000 евра од буџетот.

„Работата ќе се изведува подолго време, можеби и цела година. Прво ќе се работи на долниот дел на пазарот. За тоа време горниот дел ќе функционира, а тезгите од локацијата каде се работи ќе се дислоцираат на пакрингот во непосредна близина. Ние очекуваме дека во декември ќе се изврши ревизијата на проектот и веднаш ќе распишеме тендер за негов почеток. Реализацијата на проектот ќе значи бенефит за купувачите и за продавачите на пазарот. Ова воедно ќе биде и последниот 10-ти голем проект кој претходно го ветивме во нашата изборна програма„рече Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев.

cadiev-2

Покриениот градски пазар ќе биде на истата локација каде е постоечкиот. Освен тезги за продажба, во него ќе се изградат 16 дуќани, трговска и улица за достава на производи, санитарни јазли. Се предвидува и нова поделба на реоните во кои ќе се продаваат прехрамбени производи, текстил, пластика и друго.