Велешани денеска си го проверуваа работниот стаж

Претставници на Филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од Велес денеска го презентираа владиниот проект „Ден за вас“.

Во рамки на проектот, граѓаните на Велес имаа можност да ги проверуваат своите податоци за работниот стаж и платата.

Славица Калајџиева, раководител на филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Велес, истакнала дека проектот има за цел да ги доближат институциите до граѓаните.

– Согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, од наредната година Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе има задача да ги известува обврзниците и да им доставува податоци за плата и осигурување. Веќе од месец мај идната година граѓаните ќе можат сами преку интернет да си ги проверуваат овие податоци, информирала Калајџиева.

Воедно Калајџиева појаснила дека граѓаните можат со лична карта да си го проверат стажот, а доколку има проблем поднесуваат барање.

– Доколку станува збор за фирми кои се веќе под стечај, податоците се бараат од Архивот на РМ, а потоа се комплетираат и се внесуваат кај конкретниот осигуреник, потенцирала Калајџиева.