Велешкиот оџа превезувал илегалци од Блискиот исток

Триесет и седумгодишниот Несим Демири, актуелен оџа во џамијата во Велес, е фатен како превезувал илегалци од Блискиот исток.

Настанот се случил вчера попладне, околу 16 часот, на автопатот  Гевгелија – Скопје, кај селото Смоквица, пред тунелите кај Демир Капија.

При рутинска контрола на полицијата, било сопрено патничко возило марка „мерцедес вито“, со велешки регистарски таблички. Во него полицијата пронашла четворица сириски државјани, кои илегално влегле во Македонија, а возилото било управувано токму од велешкиот оџа Демири.

Сите петмина биле приведени во полициска станица во Неготино. Од МВР ја потврдија информацијата и додаваат дека до Обвинителството за организиран криминал, против возачот е поднесена кривична пријава за „криумчарење емигранти“, а надлежен судија му одредил мерка притвор од еден месец.

Демири од почетокот на месецов е повторно оџа во Фазли Ахмет Паша Џамијата кај велешани позната како Црна Џамија. ТРМР пишуваше пред две години дека летото Демири побегна за Германија, без објаснување, а верниците ги бараа и парите во висина од околу 6-7 илјади евра. Тој за Германија замина со љубовницата, а во Велес ја остави сопругата, преку која во градот промовираше носење на бурка (муслиманска носија со која жената е прекриена и и’ се гледаат само очите). Но, подоцна побара судски развод од неа.

По заминувањето на Демири од Велес, неговата сопруга ја симна бурката. За Несим, кој завршил образование во Саудиска Арабија, подолго време се шпекулираше дека е припадник на радикалниот исламизам и дека вешто го шири меѓу верниците во градот. Неговите соседи се чудат и ден денес, како со така мал број верници во џамијата, со мала економска моќ од градот, Демири успеа да смени четири скапи и луксузни возила, меѓу нив и „мерцедес“, „ауди“ и БМВ.