Велешко Сливник ќе добие ново училиште

Велешко Сливник ќе добие ново училиште
 Во велешкото село Сливник  со средства од Буџетот на Република Македонија во висина од 5 милиони и 300 илјади денари интензивно се одвиваат градежни активности за изградба на нов објект, а кој ќе биде дел од основното подрачно училиште. 
 
Според проценките на надлежните од Општина Велес, објектот би требало да биде готов до почетокот на новата учебна година во септември.
 
Денеска во посета на селото Сливник, во кое живее албанско население беше и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми кој заедно со вицепремиерот Муса Џафери и членот на Советот на Општина Велес Петре Саздов, направија увид во моменталните градежни активности.
 
Од името на локалната самоуправа и градоначалникот Славчо Чадиев, советникот Саздов се заблагодари на Владата на Република Македонија и ресорното Министерство за образование и наука.
 
– Се заблагодарувам за поддршката која Велес во континуитет ја добива, а е во насока на унапредување на образовниот процес и условите за живеење, воопшто, потенцира Саздов од името на Општина Велес.
 
Како што информираат од Општина Велес, новиот објект од подрачното училиште во селото Сливник, а кое е дел од велешкото ООУ „Васил Главинов” ќе биде од тврда градба, а ќе опфаќа три училници заедно со придружните објекти.