Величковски на Kонференција на Воениот комитет на НАТО во Брисел

Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денеска учествуваше на Конференцијата на Воениот комитет на НАТО во сесија на началници на генералштабови, која се одржува во командата на НАТО во Брисел.

На средбата на армиските лидери на земјите членки на НАТО и ПзМ, на две одвоени сесии се разгледаа прашања за актуелната безбедносна состојба во Авганистан, ангажманот на НАТО и партнерските земји во мисијата „Одлучна Поддршка“ и платформата за меѓусебната интероперабилност помеѓу партнерските земји.

Во своето обраќање генералот Величковски го нагласи континуираниот придонес на АРМ во мисијата „Одлучна Поддршка“ со учество на 39 свои припадници, како и севкупните напори на АРМ кон интеграцијата во Евро Атланската структура на НАТО.

На вториот дел од Конференцијата, во фокусот на учесниците беше разгледувањето на  понатамошното проектирање на стабилност и зајакнување на интероперабилноста со партнерските земји, на која началниците на генералштабови ќе се запознаат со ажурираниот статус и произлезени задачи за интероперабилност од претходните сесии.

На маргините на Конференцијата генералот Величковски оствари и повеќе средби со високи воени раководители во НАТО и со началници на ГШ од земјите кои учествуваат на активноста, при што беа разменети заедничко корисни информации и искуства.

Во текот на утрешниот ден делегацијата на АРМ ќе оствари работен состанок со Мисијата на РМ при НАТО, која следува по претходно оддржаните средби со Амбасадорите на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава, конференцијата е значајна од аспект на насочување на тековните процеси на воена соработка, правци на имплементација на плановите со подобра синхронизација помеѓу НАТО и партнерските земји.

Конференцијата на ВК на НАТО во формат на началници на генералштабови се оддржува двапати годишно со цел разгледување на актуелните мисии и операции на НАТО, како и обезбедување на воени совети на Алијансата базирани на консензус при справување со глобалните безбедносни предизвици.