Велигденска честитка од Комисијата за односи со верските заедници до православните верници

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод Воскресението Христовото -Велигден упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до членовите на Светиот Синод и до сите православни верници на МПЦ-ОА во земјава и во странство.

„Во духот на вековното македонско празнување, и годинава камбаните гордо бијат во македонските цркви одбележувајќи го празникот над сите празници – Воскресение Христовото-Велигден. Возвишен е овој ден зашто е празник во кој торжествува животната радост и од кој извираат љубовта и надежта. Ден кој ја роди и ја раѓа богоугодната радост. За да го доживееме воскресението Христово, потребно е и ние да се утврдиме во вистината и правдата, да растеме во љубовта и благочестието, во трпението и милосрдието – да живееме во верата со добри дела, истакнува во честитката директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.

Посочува дека како народ на верата, нашето богољубие и правдољубие отсекогаш биле духовната сила со која успешно сме одговарале на сите предизвици.

„Македонски народ во својата историја безброј пати се искачувал на Голготата на прогонствата и страдањата, но на крајот, секогаш победувал со сјајот на неговите добри дела и благочестивост. Само така, обединети околу учењето на милосрдието можеме заедно нашата татковина да ја направиме поубава за сегашните и идни генерации. Прославувајќи го Христовото воскресение да ја прославиме безусловната љубов и мирот меѓу сите луѓе на светот. Цврсто втемелени во верата и добродетелството, да шириме светлина и радост во секој дом и во сечие срце“, истакнува Божиновска.

Честитајќи им го Великиот ден-Воскресение Христово, Божиновска на верниците им посакува сила, верба и благослов за, како што вели, „да го сочуваме, негуваме она што ни го дал Господ како наследство, чекорејќи по тој пат праведно, одговорно и чесно“.