Велигденска честитка од Иванов: Семејните вредности и човечката добрина секогаш се возвраќаат.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите христијански верници во Република Македонија:

Славејќи го денот кога Исус Христос воскреснал, го славиме нашето духовно раѓање и ја потврдуваме вербата во вредноста на покајанието и на прочистувањето. За христијаните, Велигден е празник на љубовта и мирот и симбол на триумфот на животот над смртта. Христијанството нè поучува на почитување на духовните вредности, но и на човекољубие и милосрдие, посочувајќи дека сите сме исти пред Бога и дека љубовта, почитувањето на различните, семејните вредности и човечката добрина секогаш се возвраќаат. Водени од оваа верба треба да ги продолжиме воспоставените вредности во Република Македонија на почитување на верските различности и на религиозните посебности, афирмирајќи ги човечноста и христијанските начела за мир и за заедништво“, се вели во честитката од Иванов.