Велигденски базар во Аеродром

Велигденски базар во општина Аеродром
Велигденски базар во општина Аеродром
Од утре до четврток пред трговскиот центар „Капитол“ ќе се одржи Велигденски базар, во организација на Општина Аеродром, ТЦ „Капитол“ и Занаетчиската комора на Скопје.

На базарот ќе може да се видат креативни занаетчиски производи од членови на Занаетчиската комора, но и изработки од членовите на невладините организации за лица со посебни потреби на територијата на Општина Аеродром, меѓу кои Солем, Порака, Мобилност и Доблест.

Целта на велигденскиот базар е да се промовираат традиционалните вредности преку промоција на занаетчиски изработки како филигран, производи од дрво, плетиво, текстил, накит, разни украси, изработки од стакло и други рачни изработки.

Исто така, во рамки на базарот, кој ќе биде отворен секој ден од 10:00 до 20:00 часот, ќе се одржуваат и културно забавни активности на професионални аниматори, мини-концерти на етно-бендови и други познати пејачи, како и промоција на техники за изработка на велигденски украси.