Велигденско послание на поглаварот на МПЦ-ОА г.г.Стефан

По милоста Божја, Архиепископот Охридски Македонски, заедно со светиот Архиерејски Синод, до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква, а по повод Велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот поздрав – Христос  Воскресе!

Возљубени празникољупци,

Пред изгревот на незаодливата светлина на Воскреснатиот Господ, немоќна е длабоката духовна темнина што го покрива современиот свет. Таа воскресенска светлина го осветлува и осмислува нашето секојдневие, разбрането од многуте искушенија. Со болскотот на Христовото Воскресение, се озари сета вселена и се исполни со небесна светлина, која ја растерува темнината на заблудата и незнаењето, а на човекот му дава можност да Го познае и возљуби својот Создател. Светлината што изгреа од животворниот Христов гроб е спасоносната Божја благодат. Затоа, „во денот на Воскресението, нема делови од светот што не се озарени од светлина, туку сè, без исклучок, е исполнето со духовната светлина на Христовото Воскресение“, вели еден светогорски подвижник (св. Никодим, †1809).

Нашата вера е вера во воскресението и нашата Црква е Црква на воскресението! Но не само поради тоа што свечено го прославува Велигден како празник, туку затоа што во неа пребива несоздадената светлина на Воскреснатиот Богочовек. Човештвото пред Христа живееше во неизвесност, бидејќи беше поробено од смртната темнина. Победата над смртта ја донесе воплотениот Син Божји, Кој ја умртви самата смрт на Крстот и преку Своето воскресение му подари бесмртен и блажен живот на целиот човечки род. Он не само што ја уништи смртта, туку ни го покажа и патот како да го здобиеме вистинскиот живот.

Господ Исус Христос, Кој со воплотувањето, страдањето и со воскресението ги соедини небесата и земјата, ни укажа дека тој пат не можеме да го изодиме исполнети со нељубов, омраза и неслога, туку само со вера во воскресението, која треба да биде потврдена и преку нашата искрена меѓусебна љубов.

Возљубени во Христа Воскреснатиот,

Веќе дваесет века го прославуваме Велигден и ја празнуваме победата на животот над смртта. Но дали празнувањето е соодветно на нашите постапки и дали ние со своите дела покажуваме дека сме го одбрале животот и дека живееме богоугодно!? Вечниот живот е во познанието на вистинскиот Бог (сп. Јн. 17, 3), во живеењето според законите Божји, зашто суштината на сè е да се боиме од Бога и да ги исполнуваме Неговите заповеди, а сето тоа е спасоносно за нас луѓето (сп. Проп. 12, 13). До такво богопознание не може да се дојде без претходно себепознание, коешто е една од најголемите добродетели. Па затоа, да погледнеме подлабоко во своето срце и да се потрудиме да го очистиме од секоја трага на себељубие, коешто упорно се обидува да нè врати под власта на гревот и на смртта.

Човекот, секогаш кога се обидува да живее независно од Бога, се соочува со безизлез, зашто со себељубиви средства и напори не е можна победа над смртта. Сега, пак, озарени со светлината на Воскресението, пред нас се отвора патот кон заедништво со Бога и со целото Негово создание. Но за да постигнеме единство со Бога, неопходно е да вложиме напор за зацврстување и унапредување на нашето меѓусебно единство. Колку е убаво кога браќата живеат сложно, истакнал уште царот Давид (Пс. 132, 1). Разединети и отуѓени, го затвораме нашето срце за Божјата љубов и се оддалечуваме, и меѓусебно и од Бога. И не можеме вистински да Го љубиме Бога – ако го мразиме својот брат (сп. 1 Јов. 4, 20). Само љубовта и делата можат да бидат потврда за нашата вера, бидејќи верата, ако нема дела, сама по себе е мртва (Јак. 2, 17).

Сите денешни неволји, маки и проблеми во животот, за нас како поединци и како семејства, и во општеството во кое живееме, па и во целиот свет, настануваат кога лицемерно се однесуваме и не дозволуваме во нашите срца да царува љубовта на Воскреснатиот Христос. Излезот е во одрекување од зломислието и себичните намери во односот кон ближниот. Доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе, советува апостолот Павле (Рим. 12, 18), односно „врз нашата љубов кон другите, се темелат сите Божји заповеди“, поучува еден египетски пустиножител (св. Јован Кусиот, †422). Затоа, само со искрено човекољубие, ќе можеме да градиме вистински пат кон единство, пат кој сигурно и безбедно ќе нè одведе во радоста на вечниот живот. Впрочем, „љубовта кон другите е сведоштво дека сме Христови“, вели свети Јован Златоуст (†407), и тоа е најголемиот дар од Бога!

Возљубени чеда во Господа,

Современиот свет е надвладеан од себељубието, отуѓеноста и оддалеченоста, што силно влијае врз сите аспекти на човековото живеење. Затоа е потребно да застанеме цврсто во одбрана на нашето вековно христијанско предание, оставено како аманет од нашите предци. Не смееме да дозволиме денес, во време на слобода и културен и научен напредок, други вредности да го поткопаат она што нашите постари во ропство и немаштија со векови го негувале и зачувале. Тие вредности, пак, извираат од новиот живот што ни го подари Воскреснатиот Господ. Љубовта, кон која сме повикани да се стремиме, е незамислива без подготвеноста на жртва за ближниот. Без жртва и себеодрекувања, не постои ниту богољубие, ниту човекољубие! И да не ги бараме само своите права, туку, најнапред, да ја бараме Божјата правда – преку грижата за ближните.

Во православното предание, Велигден се нарекува и крсто-воскресен празник, зашто без Крст – нема Воскресение! А нашиот крст е токму тој подвиг преку кој ја здобиваме љубовта. Крстот нè учи на доброволна жртва заради љубовта кон Бога и кон ближниот. И секој христијанин, живеејќи во Црквата и учествувајќи во Светите тајни и во подвигот на љубовта, ја надминува смртта и уште отсега, уште овде, почнува да го живее воскресението.

Еве, и свети Ѓорѓи Кратовски (†1515), маченикот од нашиот род, кој пострада токму пред петстотини години бранејќи ја вистината за Крстот и Воскресението, е потврда за вечните вредности на жртвата и љубовта кон Бога. И во име на таа богодарувана вистина, пред 70 години, во Скопје, учесниците на Првиот црковно-народен собор, како претставници на свештенството и верниот народ, побараа да воскресне и да продолжи да живее древната Охридска архиепископија како Македонска православна црква. И, со Божја помош, еве, така и би!

Возљубени чеда на Мајката Македонска православна црква,

Радосната вест за Христовото Воскресение влева силна надеж: штом е победен најголемиот непријател – смртта, тогаш можат да бидат надминати и сите меѓусебни судири и недоразбирања. Воскреснатиот Господ постојано укрепува и подигнува, а особено кога ќе се појават тешки и пресудни предизвици. Оттаму, животот добива смисла само преку делата на љубовта и верата во воскресението. А тоа е постојаната радост, која не може да ја поматат никакви неволји и животни проблеми. Конечно, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, тогаш оние кои веруваат во Него, Бог ќе ги чува и ќе ги приведе кон Него, вели апостолот Павле (сп. 1 Сол. 4, 14).

Честитајќи ви го Празникот над празниците, и вам во Република Македонија и на Македонците раселени по светот, молитвено посакуваме сите да се удостоиме да живееме во радоста на Воскреснатиот Господ, и секојдневно во нашиот живот да преминуваме од грев кон добродетел, од безизлез во надеж, од смрт во живот!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.