„Велика Британија да престане со шпекулациите за бранот на мигранти од Бугарија и Романија“

Велика Британија не може да ги прекршува договорите на Европската унија и истовремено да ужива од успесите на внатрешниот пазар. Да не ја делиме Европа на богати и сиромашни држави, туку на такви кои ги исполнуваат своите обврски како членови на ЕУ, повика бугарската европратеничка, Моника Панајотова во изјавата пред Европскиот парламент во Стразбур доцна синоќа.

Повод за изјавата на Панајотова е изјавата на британскиот премиер Дејвид Камерон дека слободното движење на луѓе во ЕУ мора да биде „помалку слободно“, алудирајќи на намалувањето на ограничувањата до пазарот на труд за Бугарите и Романците.

Во говорот пред европратениците Моника Панајотова повика да се рестане со дискриминаторскиот однос и шпекулациите за миграционен бран од Бугари и Романци. Според Панајотова податоците покажуваат дека огромен дел од мигрантите од Бугарија и Романија се „економски активни“ и мигрираат со цел да работат.

Според бугарската европратеничка, активностите на британската влада создаваат негативни стереотипи во однос на законскиот престој на Бугарите и Романците. Моника Панајотова изјави дека британските власти покажаа политичка немоќ за позиционирање во внатрешнополитичкиот план и негативната кампања против европските граѓани.