Велика Британија го формулира прашањето за референдумот за ЕУ

Британските гласачи на референдумот за членство во Европска унија, што треба да се одржи во следните две години, ќе одговараат на прашањето „Дали Велика Британија треба да остане членка на ЕУ“, соопшти денеска Владата во Лондон, пренесе МИА.

Текстот на референдумското прашање е дел од предлог-законот, за кој британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека се надева оти за кусо време ќе биде усвоен во Парламентот.

Кралицата Елизабета Втора вчера излагајќи го планот на новоизбраната Влада во Парламентот, објави дека Велика Британија до крајот на 2017 година ќе одржи референдум за членство во ЕУ.

– Законот ќе биде донесен за да обезбеди референдум за членство во ЕУ пред крајот на 2017 година. Мојата Влада ќе преговара со ЕУ и ќе тежнее кон реформи на ЕУ за доброто на сите земји-членки, посочи кралицата.

Британскиот премиер Дејвид Камерон, чија Конзервативна партија победи на изборите одржани во текот на месецот, планира до крајот на 2017 година да распише референдум за членството во ЕУ, а дотогаш ќе ја преиспита улогата на земјата во Унијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.