Велика Британија испадна од топ 5 светски економии

Велика Британија го зазема шестото место меѓу најголемите светски економии, а на табелата падна за едно место, изјави британскиот министер за финансии Филип Хамонд.

Од петтото место, на коешто Обединетото Кралство се наоѓаше од 2013 година, го истисна Франција. На првото место се САД, а следат Кина, Германија и Јапонија.

Според прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), британскиот бруто домашен производ (БДП) ќе расте за 1,5 отсто идната година, а оваа година за 1,7 отсто, потсети министерот Хамонд.

Британската Управа за буџетска одговорност, во контекстот на неизвесноста околу истапувањето на земјата од Европската унија, ја намали прогнозата за растот на БДП-то, па според новите прогнози во 2017 година тој ќе изнесува 1,5 отсто наместо претходно очекуваните 2 процента, а во следната 2018 година ќе расте за 1,4 отсто, а во 2019-та за 1,3 проценти.