Велика Британија ја отфрла можноста за воена интервенција во Ирак

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави денеска дека Велика Британија нема воено да интервенира во Ирак против сегашната силна офанзива на сунитските, исламистички милитанти.

„Тоа во никој случај нема да се случи – рече Хејг во разговор за радио Би-Би-Си.

Шефот на британската дипломатија ја повика ирачката Влада да работи на стабилизацијата на состојбите во земјата и за помирување и повторно обединување на разните фракции. Хејг рече дека владата во Лондон се испитуваат сите можности како да му се помогне на Багдад, за да се запре офанзивата на сунитските исламисти кои веќе освоија неколку ирачки градови, а му се закануваат и на ирачкиот главен град.

Поранешниот британски премиер Тони Блер побара од Владата да испита можности за некакви облици на „строго таргетирана акција“ во Ирак, против сунитската воена офанзива.

Министерот Вилијам Хејг за новиот развој на ситуацијата во Ирак, како и за можните начини за британска помош, ќе зборува попладнево во Долниот дом на Парламентот.