Велика Британија: Мртва трка меѓу Лабуристите и Конзервативците

Мртва трка меѓу Лабуристите и Конзервативците на два дена пред оддржувањето на парламентарните избори во Велика Британија. Последните анкети покажуваат дека партијата на премиерот Камерон има само еден отсто предност пред Лабуристите на Ед Милибанд.
Двете партии се борат за апсолутно мнозинство во парламентот и се надеваат дека во последен момент тоа и ќе им успее. Во предизборната офанзива играат на различни карти. Додека Конзервативната партија се фокусира на намалувањето на даноците, главниот адут на Лабуристичката е спречувањето на приватизацијата на Националната здравствена служба..
„Во последните часови од оваа кампања, Вие можете да ја видите разликата – земјата да оди напред, наместо наназад со Ед Милибанд“, изјави Дејвид Камерон, претседател на Конзервативната партија.
„Да избереме лабуристичка Влада и да направиме оваа држава да функционира со работоспособен народ“, изјави Ед Милибанд, претседател на Лабуристичката партија.
И покрај оптимизмот на Камерон и Милибанд, анкетите покажуваат дека парламентот ќе биде поделен, а лабуристите или конзервативците ќе мора да состават влада коалицирајќи со една или со повеќе помали партии.
Антиевропски настроената Партија за независност на Британија има поддршка од 15 проценти од испитаниците, додека коалицискиот партнер на Камерон, либералдемократите, имаат поддршка од десет отсто. Судбината на евентуална Лабуристичката влада ќе зависи најмногу од шкотските националисти, за кои експертите предвидуваат сериозен успех.
Ед Милибанд сепак вети дека нема да коалицира со нив, бидејќи тие сакаат да се одделат од Велика Британија. Во најдобар случај, би било можно да се состави малцинска влада, бидејќи лабуристите и шкотските националисти имаат допирни точки во многу други прашања.
Претстојните избори се и своевиден референдум за останувањето на Британија во ЕУ, како и за судбината на самата земја, односно на останувањето на Шкотска во Британија. Камерон вети референдум за останување во ЕУ, додека, пак, Милибанд е против референдум.