Велика Британија планирала воена обука и опремување на сто илјади сириски бунтовници

Велика Британија изработила детален план за воена обука и опремување на сто илјади сириски бунтовници, кои требало да се обучат за да може самите да го соборат од власт претседателот Башар ал Асад, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на неименувани извори во владината администрација во Вајтхол во Лондон.

Оваа тајна иницијатива била детализирана и уредена во посебен план, пред две години, со силна подршка на тогашниот главен командант на здружените сили на британската армија, генерал Дејвид Ричардс, кој сега е во пензија.

Британската Влада одби да ги коментира откритијата на Би-Би-Си за тајниот план за создавање обука и вооружување на паралелна сириска армија од тамошните бунтовници, покрај онаа која им остана лојална на властите во Дамаск.

Откритието доаѓа по соопштението од Вашингтон за тоа дека претседателот Обама сега бара половина милијарди долари за обучување на сириските бунтовници.

Безбедносни експерти од лондонскиот воен институт РУСИ меѓутоа оценуваат дека веќе е премногу доцна за Западот, воено да се вмеша во 3,5 годишниот конфликт во Сирија особено по експлозијата на меѓуверско насилство во соседен Ирак и по офанзивата на сунитските исламисти и џихадистите, за создавање на калифат (исламска држава) на просторот што тие го освоја од овие две блискоисточни земји.

Планот бил разгледан од британскиот премиер Дејвид Камерон и од државниот обвинител Доминик Грив кој требало да ја испита легалноста на евентуалната реализација на овој воен проект, а потоа му бил предаден на британскиот Совет за национална безбедност, но бил оценет како „премногу ризичен“.

За планот на Британците за вооружување на цела армија од сириските бунтовници бил информиран и официјален Вашингтон, а го разгледувал тогашниот началник на Генералшабот на американската армија, генерал Мартин Демпси, кој на крајот заклучил дека станува збор за „премногу радикална“ иницијатива.

Британскиот генерал Ричардс при правењето на планот тргнувал од својата позиција дека има само два начина да се запре воениот конфликт во Сирија – да му се дозволи на Асад да победи или воено да се порази.

Ричардс верувал дека планот дава основа да се спречи крвопролевањето меѓу цивилното население со побрзо завршување на војната, на тој начин што воено ќе се обучат и ќе се опремат бунтовници од редовите на умерените исламисти.

Обуката требало да се врши во воените бази во Турција и во Јордан, а кога обуката ќе се завршела стоилјадната армија ќе можела да тргне во завршна операција кон Дамаск, при што требало да биде подржана со воздушни напади на авионите на земјите од Западот и од земјите-сојузнички во Персискиот Залив.

Во август минатата година британските пратеници не и дозволија на Владата во Лондон да испрати британски војници во воената операција во Сирија против силите на Асад, што тогаш ја најави американскиот претседател Барак Обама, а ја подржа само францускиот претседател Франсоа Оланд.

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.