Велика Британија повторно отвора амбасада во Иран

Официјален Лондон одлучи повторно да ја отвори својата амбасада во Техеран, што беше затворена во 2011 година по насилниот упад на поголема група демонстранти во британската мисија во иранскиот главен град.

Ваквата одлука е резултат на забрзаното подобрување на дипломатските односи меѓу двете земји, по изборот на нов ирански претседател во минатата година и по постигнатата спогодба за тоа како да се разреши „нуклеарниот спор“ на властите во Техеран со меѓународната заедница.

Во текот на изминатиот викенд, британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг разговарал телефонски со својот ирански колега. Но, иако затворената амбасада од денеска одново ќе биде отворена, таа нема веднаш да почне да работи.

Приближувањето на Лондон и Техеран го предизвика и најновата ситуација во Ирак и „заедничката потреба“ да се запре напредувањето на исламистичките, сунитски милитанти од Исламска држава во Ирак и Левантот, кои покренаа силна воена офанзива против ирачките сили, освојувајќи неколку градови во северен и централен Ирак и заканувајќи се да навлезат и во Багдад.

Иранскиот претседател Хасан Рухани пред реакцијата на Западот повика на заедничка акција за „ставање крај на тероризмот“ во регионот. Западните медиуми уште минатата недела тврдеа дека три ирански баталјони веќе се наоѓаат во Ирак за да помогнат во пресметката со исламистите, но таквото тврдење не беше ниту потврдено, ниту демантирано.

Шефот на британскиот Форин Офис вчера потврди дека Велика Британија нема да испраќа војници во Ирак за да и помогнат на владата во Багдад, но Вилијам Хејг призна дека околу 400 британски муслимани, војуваат во редовите на Исламската држава во Ирак и Левантот, откако претходно учествуваа во борбите во Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.