Велика Британија прави план за излегување на Грција од еврозоната

Британскиот министер за финансии, Џорџ Озборн изјави во Лондон дека Велика Британија „прави план“ за евентуалното излегување на Грција од еврозоната, пренесе МИА.

Озборн предупреди дека грчкото заминување од зоната на заедничката валута,ќе се одрази и врз британските финансиски состојби.

– Тоа ќе предизвика длабок метеж во Британија, рече Озборн во разговор за Би-би-си.

Според него, повлекувањето на Грција од еврото, секако, ќе создаде несигурност на европскиот финансиски пазар, што ќе го почуствува и Велика Британија, без разлика што таа не е во еврозоната.

Изјавата на Џорџ Озборн е првото признание на официјален Лондон дека земјата се подготвува за можната ситуација, Грција да ги напушти Европската монетарна унија и еврото, во која сега се повеќе од половината членки на ЕУ.

Откривањето на британските планови, доаѓа по изјавите на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека Атина нема повеќе да работи со своите партнери на покривањето на грчката неликвидност, туку бара од нив нови преговори, за премостување на сегашната ситуација и за „земање здив“ со нови кредити, иако признава дека Грција не може да ги сервисира своите долгови.

Пред пратениците во грчкиот Парламент, Ципрас и се закани на Германија, која е најголемиот кредитор при спасувањето на Грција од банкротството, со 56 милијарди евра дека ќе мора да плати репарации и да го врати „нацистичкиот заем“ од времето на Втората светска војна.

Во четврток грчкиот премиер ќе го слушне одговорот од своите европски партнери на Самитот на ЕУ,за Грција. Еден ден пред тоа, грчкиот министер за финансии,има средба со своите европски колеги.

Двајцата грчки функционери од левичарската Сириза, која убедливо ги доби изборите во Грција,врз силно изразената антиевропска реторика на Ципрас, веќе беа на турнеја низ европските главни градови и таму даваат помирливи изјави,за разлика од настапите што ги имаат во Грција.

Поранешниот директор на Федералните резерви на САД, Ален Гринспен верува дека Грција, сепак, ќе ја напушти еврозоната,затоа што смета дека никој во Европа не е подготвен да и дава на земјата нови зајмови, за да таа земе здив и ја покрене својата проблематична економија.