Свет

Велика Британија со години ја шпионирала Аргентина

Велика Британија со години ја шпионирала Аргентина

Разузнавачките агенции на Велика Британија ја шпионирале Аргентина и нејзината влада за Фокландските Острови, откриваат медиумите во Буенос Аирес, повикувајќи се на документите што ги одзеде Едвард Сноуден, поранешен соработник на американската безбедносна агенција НСА, пред да побегне од САД, преку Хонг Конг во Русија.

Во документите на Сноуден се тврди дека Британците неколку години ја шпионирале владата во Буенос Аирес, затоа што британската влада била загрижена од можноста Аргентина одново да покрене офанзива против Фокландските Острови, за кои двете земји се во спор.

Аргентина и Велика Британија водеа 70-дневна војна за овој одалечен архипелаг во Јужниот Атлантик, во 1982 година откако аргентинската армија изврши инвазија на Островите, по што уследи воена интервенција на британските воени сили. Војната заврши со пораз на Аргентинците и со повлекување на нивните окупациони сили од Порт Стенли, административен центар на Фокландите.

Според документите на Сноуден,британското шпионирање било најактивно во периодот меѓу 2006 и 2011 година.Станува збор за широка разузнавачка операција,со која било опфатено прибирањето разузнавачки податоци,ширењето лажна пропаганда и пуштањето во оптек на лажни податоци,како и користењето компјутерски вируси, за да се дискредитира владата на Аргентина.

Засега нема никакви реакции за обелоденувањето на откритијата од докумантите на Сноуден, ниту во Буенос Аирес, а ниту во Лондон.

Појавувањето на информациите за британската шионска операција против Аргентина, доаѓа пред одбележувањето на 33 годишнината од фокландската војна, во која загинаа околу илјада луѓе безмалку 700 Аргентинци, 250 Британци и тројца цивили.

Минатиот месец,владата ви Лондон потврди дека го засилува своето воено присуство на Фокландските Острови,кои од 1833 година, прво беа колонија, а сега се британска прекуморска територија.