Велиновска: Печурките на Фрчковски сега се најгласни за медиумите

Ако ја прашате Мирка Велиновска, со години една од највлијателните новинарки во Македонија, како се доживува во својата фела, без никаква дилема ќе ви одговори: „слободен и независен новинар“.

Во контекст на актуелната дебата за медиумски слобода, во интервју за „Дневник“, вели дека медиумите во Македонија толку се слободни што секој може буквално с` да каже. За нејзе не е неочекувано центрите на моќ, особено политичките, да се обидат да ги притискаат новинарите и медиумите да дејствуваат во нивна корист, но според неа, лошата слика ја креираат одредени уредници и новинари за да им се додворат на ваквите центри. Најнепријатните искуства од закани и притисоци ги доживеала од СДСМ, иако со таа партија би требало да е идеолошки блиска.

Запрашана за тоа дали има слобода на говор и слободни медиуми во Македонија, Велиновска вели дека македонските медиуми се едни од најслободните во светот.

Погледнете ги сите портали, потоа нивото на дебатирање и конфронтирање на политичката сцена и како тоа е обработено од медиумите и тогаш ќе видите дека македонските медиуми, ако ја дефинирате слобода како анархија и безодговорност во која била смисла, веројатно се едни од најслободните на планетава. Но тоа не е вистинската слобода. На телевизиите нема вистински дебати, а во вестите вистински информации. Тоа е резултат на тоа што уредништвата дејствуваат уште пред некој центар на моќ да побара од нив известување во нивна корист, мислејќи дека на тој начин му прават некаква услуга за подоцна да бидат погалени, пофалени и слично. Тврдам дека ваквата состојба во медиумите е повеќе слабост на самата професија отколку на нешто друго. Прво, ние се раѓаме како слободни и таа слобода не може да му се предаде на некој друг, таа е во нас и зависи од нас. Второ, мора да се знае дека со слободата на изразување паралелно доаѓа и личната одговорност за кажаното“, вели Велиновска во интервјуто за „Дневник“.

Она што постојано се прави во македонското новинарство, вели таа, а особено тоа го нагласуваат и еснафските здруженија, е новинарите да се изземат од лична одговорност и да се стават над сите правни акти, дури и над Уставот.

„При тоа повикувајќи се на ваквата слобода да кажуваат с`што ќе им падне на памет без ограничување, а при тоа не сакаат да преземат никаква одговорност за последиците. Ако јас со моето влијание напишам текст што ќе се насочи кон меѓуетнички конфликт во Македонија, и тој конфликт набрзо се случи и последиците бидат стравотни, не може да биде одговорна само политиката, полицијата, војската, одговорноста делумно ќе биде и моја“, додава Велиновска за весникот.

На прашањето кога и од кого , како новинар, ги доживеала најголемите притисоци од политиката, Велиновска одоговара: Од она што можам да го издвојам се три судири со ВМРО-ДПМНЕ од кога постојат како партија. По изборите во 1991 година ми ја каменуваа куќата. Во 2000 година ми ја искршија оградата на куќата. Двата случаја се пријавени во полиција, против непознат сторител и никогаш не беа расчистени. Никола Груевски го имам жестоко напаѓано и двапати портретирано доста непријатно, но ниту еднаш се нема јавено за да ми направи притисок. Сигурно не сум им омилен лик на вмровците, но притисок не сум имала. Љубчо Георгиевски, кој сум го напаѓала стра,отно жестоко за неговите два антимакедонски става, ме тужеше како приватно лице, но си ги повлече тужбите. Најнепријатните искуства ги имам со тие со кои по дефиниција треба да сум идеолошки блиска. Јас сум левичар, а СДСМ е опција што се профилира за лева, како социјалдемократска, а не е. Тој конфликт за моите критики за нив и нивната политика, тие го сведуваат на лично ниво со дисквалификации и притисоци. И нив ги набројав при неодамнешната надзорна расправа на оваа тема во Собранието и одвај ми дозволија тоа да ги кажам.