Вељаноски: Блокадата за НАТО и ЕУ негативно влијае на сегашната криза

Република Македонија од самото осамостојување па до денес многу јасно ги артикулира и работи на остварување на своите стратешки цели, а тоа е членство во НАТО и Европската Унија, истакна денеска претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во обраќањето на сесијата на Парламентарниот комитет во рамки на Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива што се одржува во Скопје, пренесува МИА.

Тој потсети дека уште во 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт требаше заедно со Република Албанија и Република Хрватска да станеме полноправна членка на НАТО, но поради апсурдниот спор со нашето уставно име јужниот сосед, како што рече, злоупотребувајќи го своето право на вето го блокираше нашиот прием.

– Во рамки на ЕУ шест години по ред добиваме препорака од Европската комисија за почеток на преговорите, но повторно со блокада на нашиот јужен сосед датум за преговори нема. Во меѓувреме, меѓународниот трибунал во Хаг донесе пресуда  во која многу децидно и јасно пишува дека Грција нема право да ги блокира евроатланските интеграции на Македонија и дека со ова Грција крши неколку меѓународни договори и основните принципи врз кои се темели меѓународното право, но и принципите врз кои е создадена ЕУ и НАТО. Верувајте дека сето ова делува крајно фрустрирачки и има негативни последици на само за состојбите кај нас, туку и пошироко во регионот, рече Вељаноски.

Што се однесува на состојбите во Република Македонија, нагласи Вељаноски, факт е дека сегашната криза се темели пред се на недостаток на политичка волја кај некои политички елити кои веќе една година не ја почитуваат волјата на народот изразена на последните предвремени парламентарни избори од минатата година и го бојкотираат Парламентот.

– Убеден сум дека тоа го прават на сопствена штета, но и на штета на државата бидејќи токму Парламентот е единствената институција каде што можат најдобро да бидат артикулирани програмите, интересите и ставовите на секоја политичка партија и на гласачите кои стојат зад нив. Сепак, како што веќе споменав нашиот најблаго речено седумгодишен замрзнат статус во процесите на евроатланските интеграции негативно влијае врз сегашната криза. Но, јас сум убеден дека разумот ќе победи и дека со помош, поточно со медијација на нашите пријатели од меѓународната заедница и ЕУ кризата ќе биде надмината што е во корист пред се на граѓаните на Република Македонија, но и на мирот и стабилноста во регионот, потенцира претседателот на Собранието на Република Македонија.

Македонија во изминатиот период како членка на ЦЕИ, посочи Вељаноски, има дадено голем придонес во развојот на регионалната соработка на сите нивоа и полиња.

– Денес Република Македонија има многу добра соработка со сите држави од регионот, освен со нашиот јужен сосед, но и тука веќе е скршен мразот и имаме некои првични резултати како што е екологијата, но и други области. Притоа, Македонија сака да ги афирмира предностите што ние како регион ги имаме од земјоделството, па се до културното наследство како дел од европската и светската цивилизација, рече во обраќањето Вељаноски.

Од особено значење за време на македонското претседавање, подвлече тој меѓу другото, ќе биде инфраструктурното поврзување (транспортно, енергетско и друго), афирмирајќи ја Македонија како крстопат на двата најважни коридори во регионот – десет  и осум. Се предвидува одржување и на бизнис форум и други активности за кои носители се соодветни институции во Македонија, во координација со генералниот секретаријат на ЦЕИ и веќе усвоениот „План за активности 2014-2016 година“.

– За остварување на сите овие активности, без разлика кои се носители, голема улога имаат токму националните парламенти односно Парламентарната димензија во рамки на ЦЕИ.  Како парламенти и како пратеници покрај законодавната функција имаме и надзорна функција врз извршната власт. Затоа верувам дека колегите пратеници членови на националните делегации во своите национални парламенти активно ќе го следат остварувањето на договорените активности и цели, рече претседателот на Собранието Вељаноски.

Тој изрази уверување дека само така уште еднаш, како и досега ќе се потврди дека ЦЕИ како најстара регионална организација не го изгубила својот дух, својата перманентна заложба за мир, стабилност и благосостојба не само за граѓаните во регионот, туку во Европа и пошироко.

Инаку, Република Македонија e полноправен член на Централно Европската Иницијатива од 1993 година, а оваа година, по втор пат претседава што е чест, но и обврска да се остварат зацртаните цели. Централноевропската иницијатива здружува 18 држави, од кои осум се членки на Европската Унија.