Вељаноски: Божик поттик да влееме надеж на сите оние кои страдаат и имаат потреба од животна сила

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски, Г.Г. Стефан, по повод христовото раѓање Божик.

Подолу интегрално ви ја пренесуваме честитката:

Со особена чест и задоволство, од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија, како и на сите православни верници на Македонската православна црква во земјата и во странство, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот христијански празник Раѓањето Христово – Божик.

Секое раѓање е зачеток на нешто ново, но Христовото рождество е ден и настан единствен во историјата на човекот и светот што го означи почетокот на славењето на љубовта кон Бога, вреднување на животот и утеха на човештвото за да завладеат мирот и слободата. Би сакал да истаканам дека со славењето на раѓањето на Спасителот, Исус Христос, продолжуваме да ги применуваме христијанските вредности и да бидеме исполнети со добрина и да правиме добри дела, да се почитуваме и помагаме, и да даруваме безусловна љубов кон семејството и почит кон ближните.

Божик е вистинска можност и поттик да влееме надеж на сите оние кои страдаат и имаат потреба од животна сила.
Денес, кога го празнуваме Раѓањето Христово потребно е да бидеме обединети и сплотени за да можеме заеднички да истраеме кон создавањето на просперитетна држава во која сите граѓани ќе ги уживаат своите слободи и права.

Нека ни е честит големиот христијански празник!

ХРИСТОС СЕ РОДИ!