петок, 28 јули 2017  |  Вести денес: 43

Вељаноски: Да се обединиме еднакво силно како на Илинден

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, денеска од пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседателот на првиот президиум на АСНОМ, во Скопје, повика на единство и обединување, како што кажа, еднакво силно како што денес, на Илиден, е обединета Македонија.

veljanoski-ilinden

Поврзани вести

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, денеска од пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседателот на првиот президиум на АСНОМ, во Скопје, повика на единство и обединување, како што кажа, еднакво силно како што денес, на Илиден, е обединета Македонија.

Вељаноски во говорот уште еднаш потенцираше дека за Македонија останува приоритет членството во НАТО и во ЕУ и вложувањето за развој на државата.

Како прв меѓу еднаквите пратеници – уште еднаш повикувам на обединување на сите политички структури зад големата идеја на Македонија. Повикувам на дополнително обновување на меѓусебната почит и разбирање помеѓу политичките партии. Тие не смеат да бидат непријатели и мораат да бидат конкуренти кои имаат иста цел. Македонија е нашата заедничка цел. Предолго народот е заложник на една ваква непринципилена политика, потенцираше Вељаноски осврнувајќи се на политичката криза во својот говор по повод националниот празник Илинден.

Македонија, како што кажа, повеќе од една година е предмет на еден непринципиелен политички однос кој ги разградува нејзините државотворни темели и под константен притисок за неправедна промена на основните начела на кои почива современата претставничка демократија. Моќта на граѓаните дадена на избори е под константен притисок и гласот на граѓаните даден на избори е во фаза на континуирана релативизација и обезвреднување, рече тој, додавајќи дека граѓаните излегоа на избори и гласаа и нивната волја е јасна и недвосмислена.

Сепак наспроти сé, денес овој основен демократски постулат е под закана. Во жарот на политичката битка, опиени од желбата за власт – за жал постојат личности кои на грбот на народот настојуваат да ја приграбат Македонија. Мораме да бидеме јасни и недвосмислени и да кажеме: Доста е! Македонија не беше градена за да се растури, истакна Вељаноски.

Сите обиди за релативизирање на волјата на народот, додаде тој, ниту имале, ниту имаат ниту некогаш ќе имаат некаков успех и тие се осудени на пропаст и осуда. Тие, потсети, се осудени на пропаст и на осуда, а историјата е најдобриот судија за секого и за сé.

Да не си помисли некој дека може да избега од судот на народот.  Наследството на секоја личност која добила одговорност да работи за народот е предмет на оценка токму од народот! Порано или подоцна, смета Вељаноски.

Да престанеме, рече тој, да го тормозиме народот и да направиме сé, оваа криза во која е втурната Македонија, да заврши што поскоро, да му го вратиме мандатот на народот, кој е единствениот праведен судија.

Претседателот на Собранието повика, обединети зад делото на сите македонски херои, уште посилно заеднички да ја градиме Македонија.

Единството, рече тој, е нашиот заеднички именител, заеднички стремеж и тоа е следна битка која мораме да ја добиеме.

Членството во НАТО е нашиот најголем приоритет, а нашиот нов Илинден ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во ЕУ.

Свесни сме за консталациите кои се причината за овој наш застој, заради што продолжуваме и со напорите за надминување и на последната пречка за наше целосно интегрирање во Алијансата. Продолжуваме со разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот проблем со нашето уставно име. Веруваме дека нашите грчки соседи ќе разберат дека Република Македонија и македонскиот народ, ниту биле, ниту некогаш ќе бидат закана за Република Грција, рече тој.

Во однос на ЕУ, Вељаноски посочи дека таа не е совршен, но е најдобриот проект за  Македонија. – Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик, потенцираше тој.

Како во историското Крушево и во Пелинце, така денес и во Скопје се прославува и со достоинство се слави Илинден. Во центарот на градот, собрани пред споменикот на еден од најголемите великани на нашата нова историја, потенцираше претседателот на Собранието, креваме уште еден глас за слобода и за демократија, си споменуваме за жртвата на борците од подалечната и од поновата историја на нашата татковина.

Методија Андонов – Ченто, големиот великан на Македонија е симболот на сите извојувани победи во периодот после 1945 година кои се темелот на времето кое денес го живееме. Собрани тука ја демонстираме нашата искрена почит и кон неговото наследство, како и кон наследството на сите оние македонски патриоти кои заради својата антикомунистичка демократска идеологија се најдоа на немилост на делови од тогашната социјалистичка власт, рече Вељаноски.

Еднакво значајно е, истакна тој, и затоа го славиме делото и на оваа генерација македонски патриоти кои сонуваа за независна Македонија во периодот на социјализмот,  го славиме делото на редици македонски синови и ќерки кои заради идеја и збор, мораа да издржуваат тешки казни по казаматите во Идризово или на Голи Оток.

Тука, во Скопје, рече Вељаноски, се акумулира целата енергија и на Пелинце и на Крушево и на сите значајни историски меѓници низ цела Македонија, најсилно се вкрстуваат наследствата на партизаните, делата на илинденците, но и жртвата на комунистите и на антикомунистите.

На главниот плоштад на македонската држава, денес, но и секој ден, најсилно вибрира пулсот на целата славна македонска историја. Тој пулс е одлика на единството на Македонија, и одговорот на сите поделби и раздори кои биле присутни во минатото и конечно, тој пулс е и повик за сплотеност во иднината помеѓу сите кога станува збор за иднината на Македонија, рече Вељаноски.

За Методија Андонов-Ченто, рече дека бил личност која не направи компромис со своите идеали за независна, самостојна и демократска држава.

Борецот во НОВ не беше разбран од страна на луѓето со кои рамо до рамо војуваше за Татковината. Некој, во тие времиња, не сакаше да ги прифати неговите големи идеи за демократија, за поголема самостојност и за поголемо достоинство на Македонија. За жал, таквите негови ставови, овој човек мораше да ги плати со најскапото – со својот живот, потсети Вељаноски.

Овој голем великан на вториот македонски илинден, додаде тој, беше рехабилитиран од страна на институциите на демократска Македонија и повторно беше јавно и со гордост прославуван од народот.

Простуваме, но не забораваме, рече Вељаноски.

Во непосредна близина, продолжи тој се наоѓа споменикот на Неџат Аголи, човекот, кој, исто така, е голем симбол на вториот Илинден, истакна правник, партизан и член на  АСНОМ, министер во првата Влада на ослободена Македонија. Аголи, кажа Вељаноски, бил борец за права и за соживот, но, како и Ченто, осуден и осуетен од страна на делови од тогашниот комунистички систем. – Сепак, денес, историјата повторно докажа дека е најдобриот судија. И неговото дело, како борец за Македонија, денес и во иднина ќе се почитува, посочи тој.

Љубовта кон Татковината, потенцираше претседателот на Собранието, не познава етничко потекло или верска припадност.

Оваа лекција на илинденците, преку примерот со Аголи, треба постојано да нé потсетува дека меѓуетничките односи се сржта на Македонија. Во историјата остануваат забележани безбројни дела кога рамо до рамо Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ја бранеле Државата, рече Вељаноски.

Потсети и на делото на Питу Гули, големиот македонски револуционер со влашко потекло – чиј споменик е, исто така, во непосредна близина.

Граѓаните на Македонија, независно од своите меѓусебни разлики сакаат да живеат во мир и во благосостојба. Политичарите, пак, слично како и борците за Македонија во минатото, мораат да испорачаат конкретни резултати што остануваат кога ќе заминеме, рече Вељаноски.

Во својот говор Вељаноски спомена и за делата на уште двајца значајни личности, кои ја обележуваат денешнината. Драган Богдановски, како што кажа е припадник на политичката десница, а проф. д-р Славко Милосавлевски, припадник на политичката левица во Македонија.

Првиот е протеран и малтретиран како македонски патриот, додека вториот е маргинализиран и избркан од работа на правниот факултет во Скопје затоа што бил либерал! Првиот ги постави темелите на она што денес е модерна политичка десница, додека вториот ги постави темелите на она што денес е модерна политичка левица во Македонија! Двајцата осуетени и прогонети во минатото, но, исто така, заедно, денес полека се вгнездуваат во историјата, рече Вељаноски.

Нивното наследство, како и времето во кое се бореле и твореле, според претседателот на Собранието, говори дека, она што денес се случува, со молскавично темпо – ќе се претвори во народно минато.

Најчитани вести