Вељаноски ги прими членовите на ОБСЕ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски ги прими членовите на Мисијата за набљудување на Парламентарното собрание на ОБСЕ, предводени од Специјалниот координатор на набљудувачката мисија, Кристин Мутонен, од Австрија.

На средбата претседателот Вељаноски изразил задоволство од првиот круг на претседателските избори кој помина во најдобар ред, без ниту еден инцидент, ниту пред, ниту на самиот ден на гласањето и воедно изрази уверување дека во иста атмосфера ќе помине и изборниот процес на 27. април.

Присутните беа запознаени со текот на усогласувањето и донесувањето на измените на Изборниот законик, прифатени и од власта и од опозицијата, односно донесени и имплементирани со консензус, како значаен предуслов за непречено одвивање на изборниот процес и прифаќање на резултатот, од сите субјекти вклучени во процесот, односно прифаќање на волјата на граѓаните иразена преку остварување на правото на глас.

Претседателот Вељаноски изрази изненаденост од изјавите на лидерот на опозицијата дадени на 13. април во однос на добиените резултати и најавите, деновиве, дека нема да го признаат резултатот ако не биде во нивна полза, особено имајќи во предвид дека опозицијата нема поднесено ниту една забелешка или приговор на изборниот процес до надлежните органи за спроведување на изборите во Република Македонија.

Вељаноски потенцираше дека од особен интерес за Република Македонија е изборниот процес, поточно предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори да поминат во демократска и фер атмосфера, по што без оглед каква ќе биде волјата на гласачите, по сумирањето на резултатите, политичка партија која добила помалку гласови од граѓаните да и честита на победничката партија, да го признае изборниот резултат и институциите да отпочнат непречено да функционираат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.