ВИДЕО: Вељаноски ги распиша предвремените избори

вељаноски

-Дозволете да Ве известам дека во согласност со уставните и законските одредби, како претседател на Собранието на Република Македонија го потпишав решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември оваа година. Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој, впрочем е единствениот, врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава. Во меѓувреме, Република Македонија, ќе влезе во еден сложен период на засилена активност на политичките партии, кој, искрено верувам, дека ќе помине во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера чиј врв ќе бидат изборите на 11 декември кога ќе треба во еден празничен изборен дух да бидат избрани народните преставници кои ќе го сочинуваат следниот, деветти состав на македонскиот законодавен дом. Оттаму, свесен за претходното, сосема искрено, сакам да упатам лична благодарност до сите колеги пратеници, до вас новинарите, до Службата на Собранието, како и до сите наши домашни и меѓународни пријатели за соработката и за квалитетот на односите што ги градевме изминатиот период, истакна Вељаноски.

Тој потенцира дека во името на останатите колеги пратеници, упатува најголема благодарност до граѓаните кои им ја дадоа довербата на парламентарните избори во 2014 година да бидат нивни преставници кои треба да работат и да создаваат.

-Искрено верувам дека успеавме да ја оправдаме нивната доверба и покрај сите тешкотии со кои се соочувавме како резултат на политичката криза во која беше доведена државата. Конечно, имајќи го во предвид претходното, сакам да го споделам моето длабоко уверување дека и за време на овој предизборен период, нашата татковина ќе го положи својот демократски испит на зрелоста и дека ќе се искачи на едно ново квалитативно ниво, што впрочем претставува основна цел на сите политички субјекти. Искрено верувам дека во следните близу 2 месеца, сите ние кои ќе се ангажираме за изборите на 11 декември, пред нас ќе го имаме денот потоа кога повторно ќе треба да седнеме и заедно да продолжиме онаму каде застанавме претходно, заклучи претседателот на македонското Собрание.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.