Вељаноски: Македонија и Хрватска споделуваат заедничко минато, но и заедничка иднина

Македонија и Хрватска споделуваа заедничко минато, но и  заеднички проекции за иднината, истакна спикерот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски во своето обраќање пред хрватскиот Сабор.

„Македонија и Хрватска, кои толку многу му дадоа на европскиот континент низ историјата, имаат обврска, но и право да станат составен дел од сите облици на безбедносна, економска, политичка и секаква друга интеграција. Заедно го врвевме патот кон полноправното членство во НАТО Алијансата. Зaеднички ги спроведувавме мачните и тешки реформи во одбранбениот и безбедносниот сектор. Заеднички учествуваме во меѓународните НАТО мисии за соoчувување на меѓународниот мир и вредностите на Алијансата“, потенцираше спикерот Вељаноски.

Македонскиот и хрватскиот народ, како што нагласи тој, имаат слична судбина.

„Судбина преполна со тешки мигови, големи падови, но и силни национални успеси. Судбина исполнета со настани, кои денес се единица-мерка за пожртвуваност и за силна верба во една посветла иднина… Независно од сите успони и падови кои ги имаше нашата поранешна заедничка држава, со задоволство констатирам дека Хрватска секогаш и’ беше искрен пријател на Македонија во тие социјалистички времиња, но и Македонија исто така и беше искрен пријател на Хрватска“, нагласи Вељаноски.

Новите „ветришта на промените“, кои беа меѓу најсилните во Хрватска, потенцираше спикерот, придонесоа да се забрзаат процесите кои доведоа до стекнување на македонската независност.

„Во оваа смисла, Декларацијата за независност на Хрватска од јуни 1991 година придонесе, три месеци подоцна и македонскиот народ да се одлучи на истиот чекор со донесувањето на сопствена декларација за сувереност. Потоа следуваа мачните процеси на вообличување на оваа сувереност и самостојност, кои, за огромна жал, во Хрватска имаа драматична форма. Затоа, од ова место, сакам да упатам изрази на најдлабока почит за пожртвуваноста на хрватскиот народ, но, истовремено, да оддадам и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите кои се вгнездија во олтарот на вашата слобода. Истовремено, како што доликува, сакам да повикам овие настани повеќе никогаш да не се повторат и да бидат важна лекција за нас кои сме тука со векови и кои мораме да соработуваме и да се почитуваме“, посочи Вељаноски, кој е во официјална посета на Хрватска.

Тој упати неизмерна благодарност за помошта и поддршката која што ја добива и македонското малцинство во Хрватска.

„Ваквиот однос кон македонското малцинство, е потврда дека за демократска Хрватска, како и за нас, во Македонија, малцинствата се мост кој не’ спојува. Истовремено, тоа ние го сфаќаме и како обврска македонските државни институции, со истата сериозност и грижа да продолжат да се однесуваат кон припадниците на хрватското малцинство во Република Македонија. Многу исчекори направивме на овој план и, верувам, дека нашите две држави полека стануваат пример како една демократска власт треба и мора да се однесува кон припадниците на различните малцински етнички и верски групи“, рече Вељаноски.

Тој нагласи дека и двете земји даваат големи жртви на патот кон ЕУ и НАТО.