сабота, 14 јануари 2017  |  Вести денес: 19

Вељаноски: Македонија посветена на регионалната соработка и добрососедските односи

veljanovski

Поврзани вести

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се обрати на првиот дел на  Парламентарниот состанок на земји од Централно-Источна Европа на тема „Преродба на Европската Унија и регионалната соработка во Централна и Источна Европа“, кој се одржува во  Варшава, Полска.

Тој, како што соопшти неговиот кабинет, во обраќањето посочил дека по таканаречениот Брегзит, односно референдумот на кој граѓаните на Велика Британија се определија за излез од ЕУ се актуелизирале прашањата за тоа каква Европа сакаме и која е иднината на ЕУ и интегративните процеси на државите аспиранти.

– Тоа е одлука која треба да се почитува, но исто така, одлука која буди многу непознаници, дилеми, сомнежи, па и страв за иднината на Европа. Понатаму, економската криза која го зафати целиот свет, должничката криза во рамките на Европската Унија, исто така, отварија многу непознаници, дилеми и сомнежи кај секој граѓанин. Но, Европа во својот развој не се среќава за прв пат со многу тешки прашања, дилеми и предизвици. Се надевам дека како и досега, така и во иднина ќе се изнаоѓаат соодветни одговори и ќе се преземаат конкретни чекори за надминување на состојбите. Со еден нов и многу поголем елан и соодветни институционални решенија ќе се продолжи со остварување на темелните принципи и идеи на здружена Европа. Принципи и идеи зад кои стојат големите европски политичари како што беа Винстон Черчил, Роберт Шуман, Моне, Гаспари, Аденауер и други познати личности кои после Втората светска војна, визионерски ги поставија принципите и темелите на денешна здружена Европа, истакнал Вељаноски.

Тие принципи, потсетува тој, се почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи,  парламентарната демократија и политичкиот плурализам, приватната сопственост и пазарната економија, па се до регионалната соработка.

– Денес токму врз тие принципи кои ги поставија овие големи Европејци и визионери променето е лицето на Европа создадено по Втората светска војна. Не смееме да заборавиме дека првата институционална организираност на денешна ЕУ се темели на регионалната соработка врз конкретен заеднички интерес. Во рамките на Европската Унија регионалната соработка е од самит почеток на нејзиното институционално создавање поминувајки ги сите вази. По паѓањето на Берлинскиот ѕид и дефинирањето на политиката на отворени врати, односно на проширувањето со нови членки, принципот на регионалната соработка сфатен во најширока смисла има круцијално значење. Денес дури имаме и терминолошко поистоветување помеѓу регионалната политика и кохезивната политика во рамките на ЕУ. Па така, денес во рамките на ЕУ имаме и посебен Комитет за регионална соработка во кој навистина без право на гласање членуваат и држави кандидати за членство во ЕУ. Се разбира дека основна цел на оваа регионална соработка е надминување на економските, но и социјалните разлики меѓу одредени региони. Во исто време, преку регионалната соработка се намалуваат и миграциските текови од помалку развиените кон повеќе развиените региони  што секако има влијание и на демографската слика на одредени региони, истакнува претседателот на македонското Собрание.

Смета дека за државите од ЈИЕ, а во тие рамки и за регионот Западен Балкан, регионалната соработка има особено значење од повеќе аспекти.

– Ќе почнам од историските  причини. Ние во регионот знаеме да создаваме многу бурна историја, но од неа малку учиме и затоа ни се повторуваат историските грешки. Токму затоа денес кај нас навистина тивко и пригушено тлеат најразлични историски антагонизми кои создаваат пред се недоверба меѓу државите. Овие анатагонизми можеме да ги  надминеме токму преку регионалната соработка на сите полиња. Понатаму, во секоја држава од регионот живеат етнички малцинста кои наместо своевиоден мост за соработка често пати се камен на сопнување, истакнува Вељаноски.

Потенцира дека тоа е така само затоа што, како што вели, некои не сакаат да ги почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и слободи, а во тие рамки и признавањето на реалноста дека постојат и национални малцинства кои според сите меѓународни норми треба да бидат признати.

– Непочитувањето на солидарноста како принцип врз кој е градена и врз кој и денес функционира Европската Унија, за жал ние граѓаните на Република Македонија премногу често го имаме почувствувано на своја кожа. На пример, до сега Македонија има 6 препораки за започнување на преговорите со ЕУ, но поради еден апсурден билатерален спор и непочитување на принципот на солидарноста од нашиот јужен сосед, ние сме блокирани во нашите евроатлански интеграции. Сепак, ние како држава не се откажуваме од регионалната соработка со сите држави во регионот и тоа на сите полиња. Ќе наведам само еден пример, истакнал претседателот на македонскиот Парламент во обраќањето.

Како потврда на тоа, посочува тој, е и минатонеделната средба амбасадорите и дипломатско конзуларни преставници со државниот врв.

– Целта е пред се подобро запознавање со внатрешните состојби, како и стратешките смерници на нашата надворешна политика. Оваа година гостин на оваа средба беше министерот за надворешни работи на Република Грција, господинот Никос Коѕијас. Верувајте дека на оваа средба централна тема претставувало како преку најразлични форми на соработка да се создадат услови за заемна доверба која ќе донесе бенефит како за граѓаните на двете држави, така и на регионот. Тоа што сакам да го истакнам е дека Република Македонија како мала држава со ограничени ресурси посветува максимално внимание на регионалната соработка и добрососедските односи. Ние и до сега, а и во иднина сакаме преку инклузивност да ги развиваме како билатералните, така и мултилатералните односи во регионот и пошироко, потенцира Вељаноски.

Посочил и дека регионот недоволно, од незнаење или од, како што вели, балканска немарност, ги користи средствата што ЕУ ги одделува за регионалната соработка и потенцирал дека по тоа прашање многу поактивна улога и помош да дадат државите членки на ЕУ од регионот и воопшто од центарлна и Југоисточна Европа, како и канцелариите на ЕУ.

Најчитани вести