Вељаноски на средба со ад-хок комисијата на парламентарното собрание на Советот на Европа

Претседателот на Собранието Трајки Вељаноски оствари средба со ад-хок комисијата на парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските избори и предвремените парламентарни избори во Македонија.

На почетокот на средбата соговорниците изразија задоволство што повторно имаат можност да се сретнат и да разменат ставови и мислења, пред се со цел да се надминат и разрешат актуелните состојби.

Вељаноски ги запозна присутните со моменталната состојба и работата на Собранието. На средбата соговорниците разговараа за целиот пороцес и тек на неодамна одржаните претседателски и предвремени парламентарни избори, актуелната политичка состојба во државата за што оценија дека е потребно преку дијалог да се решаваат настанатите проблеми.

Претседателот Вељаноски изрази надеж дека опозицијата што поскоро ќе донесе одлука да се вклучи во работата на Собранието и истакна дека има подготвеност во согласност со Деловникот и законите да се стори се за да се овозможи пратениците од опозицијата да го сменат својот став.

На крајот на средбата соговорниците изразија надеж дека добрата соработка ќе продолжи и понатаму, и дека Република Македонија ќе продолжи да ги спроведува демократските процеси за што поскорешна евроинтеграција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.