Вељаноски на средба со известители на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на СЕ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денес оствари средба со известители на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателот, беа присутни пратениците Лисе Кристоферсен и Валериу Гилечи, како претставници на Советот на Европа и Александар Николоски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски им посака добредојде и успешна работа за време на нивниот престој. Тој ја искажа својата почит кон работата на Советот на Европа и истакна дека дава голема поддршка на парламентарната делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Осврнувајќи се на актуелната состојба во земјата, претседателот Вељаноски ги информираше претставниците на Советот на Европа за донесената одлука за распуштање на парламентот која е резултат на политичкиот договор за излез од политичката криза. Претседателот Вељаноски информираше дека одлуката за распуштање е донесена со мнозинство гласови од страна на Собранието и ќе се применува од 24 февруари.

Известителите покажаа интерес за тоа какво влијание ќе има оценката на ЕУ која се очекува да биде соопштена наскоро и какви чекори ќе бидат превземени доколку таа оценка е негативна во однос на подготвеноста на државата за одржување на фер и демократски избори и истата укажува на одложување на датумот на одржување на изборите.

Претседателот Вељаноски искажа уверување дека оценката на ЕУ ќе биде соодветно примена од страна на четворицата лидери на најголемите политички партии и очекува исполување на договорот на политичките лидери, а со тоа и одржување на изборите на договорениот датум. Тој истакна дека главната цел е одржување на регуларни и фер избори со учество на сите политички субјекти во земјата.  Исто така, тој ја истакна важноста на законодавниот дом во демократските процеси и смета дека неговото невклучување во преговорите за излез од кризата се покажа како недостаток.

Исто така, тие беа заинтересирани за реализирањето на договорот од Пржино од страна на Собранието, притоа споменувајќи ги критиките на опозицијата за делумно реализирање на иститот.

Претседателот Вељаноски образложи дека обврските произлезени од договорот, а кои се однесуваат на Собранието, се реализирани и покрај одредени отстапки во однос на роковите.

Претседателот Вељаноски истакна дека дополнителен предизвик за земјата и за Европа е бегалската криза, за која верува дека со заеднички напори со ЕУ, ќе успееме да се справиме. Тој потенцираше дека Република Македонија, која цели кон целосна интеграција во европските институции, ќе ја почитува секоја одлука на Европската комисија која не е на штета на државата.