Вељаноски: Од Карев да учиме како се брани македонскиот национален идентитет

 Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска имаше обраќање по повод одбележување 110 години од смртта на Никола Карев, а претходно делегации од Парламентот, Владата, Кабинетот на Претседателот, Градот Скопје, МАНУ, семејството и други положија цвеќе на споменикот на Карев пред законодавниот дом, пренесува МИА.

– Денес одбележуваме 110 – години од смртта на Никола Карев, еден од најсветлите ликови на македонскиот прв Илинден и претседател на Крушевската Република. Личност која со своето дело и својот живот се вгради во темелите на македонската држава и од кого и денеска треба да учиме како се сака сопствената држава и како се брани сопствениот македонски национален идентитет, истакна Вељаноски на пригодниот собир во Собранието на кое зборуваа и академикот Блаже Ристески и директорот на Институтот за национална историја Драги Ѓоргиев.

Апелираше сега кога, како што рече, повторно сме исправени пред многу сериозни предизвици, сите, без разлика на етничка или партиска припадност, да се навратиме на корените на нашата државотворност и оттаму да ги црпиме идеите и потребната мудрост, но и одговорност за надминувањето на сите предизвици, за зачувување и развој на Македонија, како што се вели во Крушевскиот Манифест.

Вељаноски потсети на писмото на Никола Карев до Гоце Делчев од 1902 година: „Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да станеме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците ниту од Бугарите, ами сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните и да не се споменуваат тврдењата дека „сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција. Што се однесува до мене, никој не ќе може да ми ја одземе мојата храброст и мојот патриотизам…“

– За жал, и по сто десет години од смрта на Никола Карев ние како Македонци се уште сме присилени да се бориме за зачувување на нашиот национален идентитет, кој преку апсурдниот спор за името ни го оспорува нашиот јужен сосед. И во 21 век други не го признаваат македонскиот јазик и се измислува некаква дефиниција и го нарекуваат службен јазик дефиниран со устав, додека пак нашиот северен сосед не ја признава автокефалноста на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија, рече Вељаноски.

Македонскиот народ, посочува тој, благодарејќи на Никола Карев и нашите познати и непознати Илинденци од 1903 година, како и подоцна со борците од НОБ и нашиот втор Илинден од 1944 година – успеале да се изборат за македонска држава како татковина на македонскиот народ, но и на сите други етнички заедници со кои овде живееме со векови.

Никола Карев се поврзува со Крушевскиот манифест – проглас што тој како неформален, но фактички прв човек на Крушевската Република го испраќа до муслиманското население: “Ние не дигнафне пушка против вас-това би било страм за нас. Ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чесниот турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот-тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; Ние не излеговме да колиме и да грабиме, да палиме и да кадиме – доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; Ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мајки и сестри, жени и ќерки; Требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни се толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите…“

– Треба да бидеме горди дека Никола Карев и другите Илинденци, а меѓу нив имало и од другите етнички заедници на самиот почеток на минатиот век размислувале за општество и држава во која пред сé и над сé ќе се почитува слободата на секој поединец без разлика на неговата етничка, верска или идеолошка припадност. Или речено со денешен современ политички јазик се размислувало за вистинско граѓанско општество во кое ќе се почитуваат индивидуалните и колективните права и слободи на секој поединец и на секоја етничка заедница, рече Вељаноски.