Вељаноски се сретна со Батели и Нотеле

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се сретна со специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, Роберто Батели и амбасадорот Андреас Нотеле, специјален претставник на Парламентарното Собрание на ОБСЕ во Виена.

Како што соопштуваат од службата за односи со јавност во Собранието на РМ, на почетокот соговорниците изразиле задоволство од средбата која претставува одлична можност да се разменат мислења и ставови што е од големо значење за Република Македонија.

На средбата се разговарало за актуелните случувања во државата, можните исходи од моменталните политички случувања, како и за тековните активности на Собранието на Република Македонија и посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија и НАТО.

veljanoski

Претседателот Вељаноски го поздравил постигнатиот договор помеѓу лидерите на политичките партии за надминување на несогласувањата и изразил надеж дека наскоро Собранието ќе почне да функционира во полн состав бидејќи работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава е од исклучително значење. Соговорниците се согласиле дека политичката дебата треба да се одвива во Собранието бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент преку кој може да се изразат мислењата и ставовите и затоа опозицијата треба конструктивно да учествува во работата на Собранието.

sredba

Специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, Роберто Батели истакнал дека е потребно да се имплементира договорот кој политичките партии го постигнаа во посредство со Комесарот Хан.

На крајот на средбата соговорниците изразиле надеж дека сите засегнати фактори ќе дадат позитивен импут за подобрување на политичката клима во државата.