Вељаноски се сретна со неговите колеги од Црна Гора, Грузија, БиХ

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, кој учествуваше на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта, Унгарија, денеска се сретна со претседателот на Парламентот на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Шифик Џаферовиќ и претседателот на Парламентот на Грузија, Давид Усупашвили.

Вељаноски, Кривокапиќ, Џаферовиќ и Усупашвили искажале задоволство од можноста да разговараат и да разменат мислења за актуелните предизвици со кои се соочува секоја од државите на патот на интеграцијата во НАТО.

Како што соопшти кабинетот на Вељаноски, четворицата спикери се согласиле дека Алијансата треба да преземе поконкретни чекори за да им се помогне на земјите аспиранти за членство во решавање на проблемите кои се пречка на патот.

Соговорниците изразиле и подготвеност и понатаму да си помагаат меѓусебно со безрезервна поддршка. Тие го нагласиле значењето на парламентарната соработка во процесите на интеграција и изразиле задоволство од досегашната регионална соработка.

Претседателот на македонското Собрание Вељаноски се сретнал и со домаќинот на Пролетната сесија, претседателот на Парламентот на Унгарија, Ласло Ковер. На средбата била потенцирана досегашната успешна парламентарна соработка и големото пријателство меѓу двете земји.