Вељаноски се сретна со новоименуваната австриска амбасадорка

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денес оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Австрија, Ренате Коблер.

Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, изразиле надеж дека успешната соработка која Собранието на Република Македонија ја имало со претходните амбасадори ќе продолжи и во иднина.

Амбасадорката Коблер истакнала дека Амбасадата на Република Австрија е подготвена да помогне за натамошно интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете земји на сите нивоа, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на парламентарни комисии и пратенички групи за соработка.

Претседателот Вељаноски истакнал дека двете држави имаат одлична соработка и оти Република Македонија е благодарна на поддршката што ја добива во однос на предизвиците со кои се соочува на патот на евроинтеграциите. Двајцата соговорници се согласиле дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е од особено значење не само за регионот, туку и за Европа во целина.

На средбата е разговарано и за тековните активности во Собранието и моменталната политичка ситуација во Република Македонија.

Вељаноски ја потенцирал отвореноста на Собранието и неговиот Кабинет за сите нови идеи за соработка и континуирана комуникација со Амбасадата на Република Австрија, пренесува МИА.