Вељаноски со честитка по повод Националниот ден на Власите

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.

– Нашата држава Република Македонија и ние како граѓани посветено работиме на подобрување и афирмација на сите заедници вклучувајќи ја и влашката заедница. Ми претставува задоволство што можам да истакнам дека сега како и во минатото вие сте придонеле во оформувањето и создавањето на современата македонска држава. Во таа насока сакам да истакнам дека почитувањето на традиционалните вредности и меѓусебното разбирање е заеднички залог за просперитет на нашата држава, во која и вие со вашите лични успеси придонесувате, се наведува во честитката.

Во неа претседателот на Собранието додава дека сите заедно мораме да се вложиме во градењето и развивањето на модерна и силна Република Македонија во која ќе се почитуваат верските права и културните особености, а со тоа ќе имаме и личен придонесот кон европска и демократска Република Македонија на која се ќе се гордеат сите нејзини граѓани и сите идни генерации.