Вељаноски: Собранието функционира само врз основа на правните прописи

Македонскиот законодавен дом, како стожер на македонската демократија, функционирал и ќе функционира единствено и само врз основа на правните прописи, потенцира претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во пишаната изјава како реакција на денешната прес-конференција на СДСМ.

Во врска со оставките на дел од опозициските пратеници, наведува Вељаноски, Собранието постапува и ќе постапува единствено и само врз основа на дефинираните процедури и имајки ја предвид потребата од натамошен развој на политичкиот дијалог и унапредувањето на демократскиот амбиент и меѓусебното разбирање, што е повеќе пати јавно декларирано и од страна на СДСМ, како и од домашната, така и од меѓународната јавност за што постојат и докази и сведоци.

– Оттаму, енигматично е зошто на госпоѓа Десковска до сега не и кажале дека одложувањето на седницата за верификација на оставките на дел од пратениците на СДСМ беше со взаемна согласност, заради што клучно прашање е дали денеска СДСМ имал лош ден или, пак, постојат некои други мотиви заради кои е направен овој политички излет, посочува претседателот на Собранието.

Вељаноски потсетува дека доколку се разгледаат сите досегашни извештаи, Европската комисија во континуитет во позитивен тон се осврнува на активностите на македонскиот парламент, а освен тоа, и континуираните истражувања на јавното мислење упатуваат на фактот дека постои перманентен стабилен раст на довербата на граѓаните кон Собранието и кон неговиот претседател.