Вељаноски упати честитка по повод празникот Свети Сава

Негувањето на националните празници, како и развојот на целокупните општествени односи отсекогаш биле најдиректно поврзани со почитувањето на традиционалните вредности. Ова го истакнува претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски во честитката упатена до припадниците на српската етничка заедница во Република Македонија по повод празникот Свети Сава.

– Делото на овој просветител и светец е значајно за српскиот народ, но и за духовното и историското наследство на овие простори на кои има оставено траен белег во ширењето на христијанството. Би сакал да истакнам дека српската заедница во Република Македонија е составен дел од нашата држава во која заеднички треба да ги негуваме принципите на меѓусебно почитување и соживот на сите национални заедници, посочува Вељаноски.

Негувањето на овие вредности и принципи, како што е наведено во честитката, придонесуваат да градиме успешна иднина за сегашните и за генерациите што доаѓаат.

– Убеден сум дека нашите заеднички определби се со цел активно да придонесуваме во развојот на Република Македонија и во изградбата на модерна и економски развиена држава во која се почитуваат верските права и културните особености. Тоа е нашиот заеднички императив и влог што ни отвора можност сигурно да чекориме кон евро-атлантската интеграција, стои во честитката на Вељаноски до припадници на српската етничка заедница во Македонија.