Венецуела го ослободи американскиот мисионер Џошуа Холт

Владата на Венецуела во саботата го ослободи Американецот Џошуа Холт кој од 2016 година беше во притвор под обвинение за илегално поседување оружје, објави во саботата американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја поздрави одлуката на властите во Каракас, како и ангажманот на сенаторот од американската сојузна држава Јута.

Ослободувањето на Џош Холт, мормонски мисионер од Јута, дојде и покрај минатонеделното зголемување на тензиите меѓу САД и Венецуела, поради протерувањето на двајцата американски дипломати од Каракас, како и фактот што Вашингтон не ја признава изборната победа на претседателот Николас Мадуро и наметна нови санкции за венецуелската влада. Се очекува дека Холт ќе пристигне во Вашингтон во сабота навечер по локално време.

„Добри вести за ослободување на американски заложник од Венецуела. Треба вечерва да слета во Вашингтон и околу 19 часот да биде во Белата куќа со своето семејство. Прекрасните луѓе од Јута ќе бидат пресреќни“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter.

Сенаторот на Јута, Орин Хетч на истата социјална мрежа објави соопштение во коешто нагласува дека ослободувањето на мисионерот е резултат од двегодишно лобирање, и додава дека во САД заедно со него ќе се врати и неговата сопруга.

„Во последните две години работев со две претседателски администрации, неброени дипломатски контакти, амбасадори од целиот свет, мрежа контакти во Венецуела и со самиот претседател Мадуро и не можам да бидам повеќе почестен од тоа што успеав да ги го спојам Џош со неговото драго семејство коешто долго патеше“, напиша сенаторот.

Венецуелските власти го уапсија Холт во јуни 2016 година додека престојувал во оваа латиноамериканска земја поради венчавка. Обвинет е за нелегално поседување оружје, но неговото семејство тврди дека тоа му е подметнато, а САД го обвини Каракас дека го користел наводно како адут во преговорите за санкциите.

Американските власти ја обвинуваат власта на претседателот Мадуро за наводна масовна корупција и задушување на демократијата и опозицијата. Мадуро, како и неговиот претходник, покојниот венецуелски лидер Уго Чавес, ги обвинуваат САД за заговор и поттикнување бунт за да се собори социјалистичката влада и дека заплениле големи нафтени резерви на Венецуела која инаку ги има најголемите ресурси во светот и е членка на Организацијата на земјите извознички на нафта OPEC.

Венецуела е погодена од економски проблеми како што се хиперинфлацијата и недостиг од основни продукти, што покрена масовно емигрирање на Венецуелците, за што Каракас со години наназад ги обвинува САД, а Мадуро вели дека против неговата земја се води „трговска војна“.

САД, кои купуваат третина од венецуелската сирова нафта, веќе се закануваа со нафтено ембарго за Венецуела, а по претседателските избори од 20-ти мај им забрани на своите државјани да извршуваат трансакции кои се врзани со венецуелскиот долг.