Венецуела и Мексико ќе им помогнат на САД

Венецуелскиот министер за надворешни работи Хорхе Ареаза

И покрај американските закани за градење на ѕидот на границата кон Мексико и спорот околу трговските договори со оваа земја, како и од неодамна воведените санкции за Венецуела, овие две земји одлучија да понудат помош за жртвите од катастрофалните поплави што ја зафатија сојузната држава Тексас.

„Секогаш ќе бидеме покрај американскиот народ“, изјави министерот на надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза, објавувајќи пет милиони долари помош за погодените семејства во американските градови Хјустон и Корпус Кристи.

Најавата следи и покрај тоа што САД го прогласија венецуелскиот претседател Николас Мадуро за диктатор, а американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи ниту „воената опција“ против земјата којашто се соочува со сериозен недостиг од основните животни продукти, како и со длабока политичка криза проследена со судири во коишто животите ги загубија повеќе од сто луѓе.

Венецуела планира да ги исплати парите од сметката на американската филијала на венецуелската државна нафтена компанија којашто е меѓу компаниите погодени од американските санкции. Официјален Вашингтон уште не одговори на оваа најава.

Мексико, исто така, понуди помош, а американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој разговараше со мексиканскиот колега Лиус Видегарај во Вашингтон во средата, се заблагодари на „многу великодушната понуда во ова многу, многу предизвикувачко време“.

„Соседи сме, пријатели сме и тоа е она што го прават пријателите“, одговори Видегарај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.