Венецуела протера двајца американски дипломати

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави во вторникот дека од неговата земја мора да си заминат двајцата највисоки дипломатски претставници на САД, вршителот на должноста амбасадор Тод Робинсон и дипломатот Брајан Наранхо, кои се обвинети за воен заговор откако Вашингтон наметна нови санкции за оваа латиноамериканска земја која ги има најбогатите резерви од нафта.

„Го прогласувам персона нон-грата вршителот на работи на САД и го објавувам неговото заминување во рок од следните 48 часови“, изјави Мадуро.

Американскиот Стејт департмент ги отфрли обвинувањата на претседателот на Венецуела како „лажни обвиненија“ против двајцата негови дипломати. Каракас и во минатото протеруваше американски дипломати под обвинение дека стапуваат во контакт со воени лица и опозиционери наводно во обид да организираат бунт.

Венецуела претходно во вторникот предупреди дека е жртва на американски „политички и финансиски линч“ кому пример му се „злите методи на Ку Клукс Клан“, ден по воведувањето на новите американски санкции поради повторниот избор за претседател на Николас Мадуро.

„Ја предупредуваме меѓународната заедница дека супремацискиот, расистички и интервенционистички режим кој моментално владее во Вашингтон, а пример му се злокобните методи на ККК, му се заканува на светскиот мир… Администрацијата на претседателот Доналд Трамп поттикнува омраза, нетрпеливост, како и политички и финансиски линч“, истакна во соопштение министерството за надворешни работи на Венецуела.

Европската унија, исто така, како и САД во вторникот забележаа за наводни „бројни неправилности“ на претседателските избори во Венецуела на кои победи Мадуро и порача дека размислува за воведување санкции.

„Европската унија размислува за санкции… На Венецуела итно ѝ е потребно политичко решение, за да ја запре сегашната криза и, пред сѐ, да одговори на најголемите хуманитарни потреби на населението“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини во соопштението. Ги критикуваше, покрај тоа, „големите пречки за учество на опозициските политички партии и нивните челници“ и „бројните неправилности забележани на денот на изборите, па така и купување гласови“.

На изборите коишто дел од опозицијата поддржана од Западот ги бојкотираше нарекувајќи ги „голема измама“, победи социјалистичкиот кандидат Николас Мадуро со освоени 68 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Анри Фалкон, кој ја напушти опозициската коалиција, освои 21,2 отсто. Фалкон, исто така, оцени дека изборите не се легитимни и побара распишување на нови до крајот на годината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.