Венецуелската опозиција ги продолжува протестите

Опозиционерот Хулио Борхес на Twitter напиша дека властите немаат оправдание за приведување на судијата Анхел Серпа и ја обвини полицијата дека е „во служба на диктатурата“ на претседателот Николас Мадуро.

Владата на Мадуро одбива да ги признае 33 судии во Врховниот суд, именувани од Националното собрание во кој мнозинството го има опозицијата.

Опозицијата по синоќешните судири со полицијата најави уште 48 часа генерален штрајк што ќе се одржи во среда и четврток.

Неколку илјади луѓе синоќа се обидоа да протестираат пред Врховен суд, во знак на поддршка на судиите именувани од опозицијата, но беа спречени од полицијата.

Демонстрантите фрлаа со камења и Молотови коктели, а полицијата употреби солзавец.

Антивладините протести во Венецуела траат четири месеци при што загинаа најмалку 97 луѓе, а илјадници се повредени или се во притвор.

Во меѓувреме неименувам американски претставник најави дека САД размислуваат да воведат санкции кон Венецуела, во чии рамки би можеле да ја запрат испалата на нафта.

Американската администрација има за цел да изврши притисок врз Мадуро за да се откаже од плановите за спорниот нов Парламент, со кој би се зацврстила неговата положба како диктатор.

Планот на Мадуро досега го осудија Европска унија, Обединети нации, Организацијата на Американски Држави и Католичката црква.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.