Венгер: Фабрегас беше тој што сакаше да си замине

Цеск Фабрегас, поранешниот капитен на Арсенал, кој летово се врати во Премиер лигата и потпиша за тимот Челси, во едно интервју за англиските медиуми истакна дека Арсенал не го сакал назад ова лето, иако го имал правото прв да преговара со шпанскиот репрезентативец. Веднаш потоа се огласи и Арсен Венгер, човекот кој многумина го сметаат за фудбалски татко на Фабрегас, со оглед дека како 15-годишно момче го доведе од Барселона и му даде шанса да стане вистинска ѕвезда во тимот на Арсенал.

„Одлуката да си замине од Арсенал беше негова. Иако го советував да остане, му објаснив дека сакам иднината на нашиот тим да ја градиме врз него, сепак тој одлучи да се врати во Барселона. Потоа ние го купивме Месут Озил како играч за врска со офанзивни карактеристики и нормално дека не ни беше потребно повторно да го вратиме назад, со оглед дека го имаме Германецот во своите редови. На Арсенал ова лето не му беа потребни фудбалери со офанзивни карактеристики, туку дефанзивни играчи за врска“, истакна Арсен Венгер.

Фабрегас и Венгер ќе имаат прилика повторно да се сретнат во недела, кога Челзи на Стемфорд Бриџ ќе го пречека тимот на Арсенал.