Венгер убеден дека судијата му има помогнато на Челзи

Арсен Венгер е убеден дека судијата му помогна на Челзи

Без победник, но и без погодоци, заврши последниот натпревар од 17. коло во англиската Премиер лига, градската пресметка помеѓу вечните ривали, Арсенал и Челзи.

Гостинот беше поблиску до посакуваното водство, но одличниот удар на Франк Лампард во финишот од првото полувреме заврши во пречката, а домаќинот имаше неколку чисти шанси во второто полувреме, но истите во гол не ги претвори францускиот интернационалец, Оливие Жиру.

Видно лут, но најмногу поради според него лошата арбитража, менаџерот на “топчиите”, Арсен Венгер по натпреварот изјави дека само главниот судија, Мајк Дин, може да даде одговор на прашањето зошто не досудил пенал за Арсенал после очигледниот прекршок на Вилијан врз Волкот.

„Чист пенал, со 100% сигурност можам да потврдам дека имаше прекршок врз Волкот. Судијата мораше да покаже на белата точка. Зошто не покажа? Само Мајк Дин може да даде одговор на ова прашање”, изјави трофејниот француски стручњак.

Со освоениот бод на незгодното гостување, Челзи се искачи на четвртата позиција на табелата, но има два бода помалку од лидерот Ливерпул и од моментално второпласираниот Арсенал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.