Македонија

Венизелос на средба со Кери, тема Македонија

Венизелос на средба со Кери, тема Македонија

Иако Американскиот Стејт департмент наведува дека како водечка тема ќе се наметне „антиамериканскиот тероризам во Грција“, иако грчките медиуми најавуваат дека посетата на министерот за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос на Вашингтон ќе биде посветена на разговори за економијата, грчкото претседавање со Европската Унија и за спорните прашања како Кипар и името на Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Вaшингтон, САД се гневни откако за Божик побегна Христодулос Ксирос, терорист на грчката анархистичка организација „17 Ноември“, кој беше осуден на дури шест доживотни казни затвор за неговата вмешаност во серија крвави напади, при кои честопати цел беа и американските дипломати.

Изминативе денови Стејт департментот повеќе пати, преку грчките медиуми во Вашингтон, информираше дека САД очекуваат од Грција што поскоро да го пронајде и уапси Христодулос, кој е еден од тројцата браќа Ксирос осудени за активностите на „17 Ноември“.

„Се очекува дека САД ќе го отворат прашањето на домашниот тероризам во Грција. Во Стејт департментот сметаат дека е дојдено до возобновување на оваа појава и сакаат да разговараат за тоа прашање на највисоко ниво“, пишува Михаил Игнатиоу, грчки дописник од Вашингтон, кој изминативе денови од американската администрација доби потврда дека САД се уште ја сметаат „17 Ноември“ за терористичка организација.

Бегството на Ксирос минатата недела беше тема и на прес-конференцијата на Стејт департментот, на која американски новинари бараа реакција од Вашингтон за овој случај. Групата „17 Ноември“ е одговорна за убиствата на шеф на бирото на ЦИА во Атина, на американски воен аташе, заменик воен аташе и еден офицер, во периодот од 1975 до 1988 година, како и на британскиот воен аташе во 2000 година, на двајца турски дипломати и други странски претставници.

Организацијата, чии членови ги обвинуваат САД и другите западни земји за поддршка на воената хунта во Грција, има ликвидирано и повеќе истакнати грчки политичари како Павлос Бакојанис, сопругот на Дора Бакојани.

Венизелос треба да се сретне со американскиот државен секретар Џон Кери во четврток. Тој во Вашингтон доаѓа по посетата на Париз, и во американскиот главен град ќе се сретне и со повеќе американски конгресмени ангажирани на соработката со Грција.