Венизелос оптимист за спорот за името, го кани Попоски во Солун

Грчкиот министер за надворешни работи и актуелен претседавач со Советот за општи работи на Европската Унија, Евангелос Венизелос по средбите со македонскиот државен врв денеска во Скопје вели дека е оптимист во однос на спорот за името што повеќе од две децении гo имаат Македонија и Грција.

„Да изразам лична забелешка, да, по моите денешни средби тука имам впечаток дека Владата, локалните политички партии и цивилното општество тука во Скопје се подготвени да учествуваат во дијалог не само за спорот за името ,туку за зголемување на билатералната соработка бидејки сите тука се во позиција да разберат дека Грција е вистинскиот европски излез за европската судбина на оваа земја“, вели Венизелос

Но, сепак тој истакнува дека за понатамошно приближување на Македонија кон ЕУ, според него, не е препрека само нерешеното прашање за името, туку и исполнувањето на копенхашките критериуми и пред се’ одржување на добри односи со соседите.

„Во однос Поранешната југословенска Република Македонија нашата позиција беше многу пријателска и конструктивна благодарение на оваа позиција порна има статус на кандидат земја … Главната пречка за европската перспектива не е билатерално тековно прашање како познатото прашање за името, туку обврската да се исполнат копенхашките критериуми особено главниот критериум односно критериумот за добрососедски односи, ова не е вид национално противење, туку европската обврска“, истакнува шефот на грчката дипломатија.

Венизелос вели дека за Македонија да напредува на нејзиниот пат кон Унијата неопходно е да му приложи на Советот на ЕУ, кој ја носи одлуката за отворање на преговори за членство, конкретни чекори за напредок во односите не само меѓу Скопје и Атина, туки и меѓу Скопје и Софија.

Грчкиот министер нагласи дека е секогаш е расположен за разговор околу унапредување на соработката меѓу двете земји и во тоа име истакна дека е подготвен да го покани својот колега Попоски на министерски состанок во април во Солун, а потоа да организираат билатерална средба во Скопје или во Атина. Со овие средби, смета Венизелос, ќе се даде нов импулс кон европска интеграција не само на нашата земја, туку и на целиот регион.

Венизелос дојде во посета на Македонија со две улоги како функционер во грчката влада, но и во рамките на неговите обврски кои произлегуваат од грчкото претседателство со Европската Унија. Тој оствари средби со премиерот Никола Груевски, министерот Никола Попоски, вицепремиерот Фатмир Бесими, претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.