Македонија

Венизелос: Проблемот на Скопје со Бугарија е поголем од тој за името

Венизелос: Проблемот на Скопје со Бугарија е поголем од тој за името

Евангелос Венизелос, заменик-претседателот на грчката Влада и министер за надворешни работи, пред францускит Сенат објаснувал дека спорот за името, кој Грција и го наметна на Македонија, е многу помал отколку „идеолошкиот“ проблем, кој таа го има со Бугарија.

„Има еден идеолошки проблем за вештачкиот национален иденитет меѓу Скопје и Софија“, рекол Венизелос, пренесе МИА.

Притоа заменик премиерот на грчката Влада пред француските сенатори нагласува дека проблемот, кој Грција го има со Македонија е многу помал од тој кој што Македонија го има со Бугарија.

„Нашиот проблем со името е мал во споредба со големите јазични и историски прашања. Никој не зборува грчки во ПЈРМ“, рекол Венизелос.

Потоа тој во улога на лингвист дава дефиниција на македонскиот јазик и смета дека македонскиот јазик е „псевдо-македонски“.

„Го има, исто така, и псевдо-македонскиот јазик, кој според бугарската Влада и бугарската научна заедница е бугарски јазик“, рекол Венизелос.

Ова се извадоци од записникот на Комисијата за надворешни работи и одбрана на францускиот Сенат, пред која Евангелос Венизелос, зад затворени врати ги претстави пред една недела приоритетите на грчкото претседателство со Европската унија.

Според Венизелос, во зоната на западен Балкан, грчката политика е „јасна“. „Ние се залагаме за европска и атлантска перспектива на сите земји од регионот“, рекол Венизелос.

Тој притоа нагласил дека оваа недела ќе претседава со првата меѓувладина конференција за зачленувањето на Србија во ЕУ.

„Почетокот на преговорите е многу позитивен за Србија и Косово. Ние имаме тесни врски со Албанија, чиј нов премиер е близок со нашите политички погледи. Случајот со Црна Гора не претставува проблем, но институционалната форма на Босна е проблематична.“

Што се однесува до Македонија, шефот на грчката дипломатијата пред француските сенатори нагласил дека „Грција е подготвена да прифати компромис“.

„Грција е првиот инвеститор во Скопје, кој е исто така нашиот прв туристички пазар. Значи, ние можеме да ја приближиме оваа земја до перспективите за членство во Европската Унија и НАТО“, навел Венизелос.

Запрашан од сенаторот Емери де Монтескио, за тоа какви се односите на Атина со Скопје и дали во Македонија се зборува грчки, Венизелос со одговор: „Со ПЈРМ треба да се најде компромис за деноминацијата на земјата, бидејќи повеќе територии го носат веќе ова име: Централна Македонија со Солун како престолнина, од каде јас сум пратеник веќе 25 години, западна Македонија, бугарска Македонија, албанска Македонија. Ние предлагаме еден дефинитивен компромис, кој се однесува на името, за секоја употреба (ерга омнес).“

Во вториот дел на одговорот на прашањето на францускиот сенатор, Венизелос оценува дека „големиот проблем на оваа земја се односите меѓу етничките заедници“.

На крајот од својот одговор во однос на Македонија, Венизелос открива дека грчките позиции и тие на албанската заедница во Македонија се согласуваат.

„Албанската заедница е целосно отворена, таа се согласува со нас за името, понезначајно прашање во однос на идеолошкиот и историскиот проблем“, рекол Венизелос пред францускиот Сенат.