Венизелос: Во Грција не се обучуваат џихадисти

Евангелос Венизелос, министерот за надворешни работи на соседна Грција негираше дека Атина била предупредена од американските власти дека во земјата се врши обука на екстремисти или дека оттаму заминуваат џихадистички борци во странство.

– Не сме добиле такво предупредување. Ние имаме тесна соработка со американската администрација и со сите други сојузници, истакна Венизелос, одговарајќи на прашањето во врска со тврдењата дека ЦИА и соопштила на Атина за седум лица со грчко потекло, кои се бореле во странство како џихадисти.

Шефот на грчката дипломатија, по вчерашната средба со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, нагласи дека „Грција учествува во меѓународната мобилизација против Исламска држава (ИД)“.

Грчката полиција во петокот, исто така, ги отфрли тврдењата дека во земјата се обучуваат џихадисти.